Во средата од Специјалниот завод „Демир Капија“, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска најави интензивирање на процесот на деинституционализацијата, што ќе значи преселување на деца од заводот во мал групен дом во неготинско, Тимјаник.
„Овој месец седум деца ќе бидат преместени во мали групни домови во кои ќе им бидат обезбедени сите услови и услуги за успешен раст и развој. Ова е првиот чекор кон градење похумано општество“, рече Царовска, а пренесе “Макфакс”.
На ваквата одлука следуваше негодување и протест од жителите на неготинското село Тимјаник, каде според информациите споределни на Фејсбук групата “Неготино – информации – случувања”, треба да бидат сместени децата.
Во два наврати, во петокот и саботата, над 100 граѓани излегоа на протест и го блокираа патниот правец Tимјаник-Дисан.
Граѓаните речиси без исклучок не се согласуваат кон ваквата одлука на министерството, а за тоа говорат и коментарите на социјалните мрежи.
“Никој свесен и паметен човек на овој свет нема ништо против тие деца, а најмалку граѓаните на Тимјаник имаат нешто против, и во изминатиот период откако се кажа дека тие деца ќе се сместат во просториите на сред село, луѓето од Тимјаник се едногласни во една работа, не дека тие нас ќе ни сметаат, туку ние на нив. Ако до сега тие деца биле научени на мир и тишина, сега ќе ги донесите во една урбана џунгла! А таму буквално е џунгла. Има 24/7 бучава од автомобили, мотори, трактори, камиони. Таму цела пролет и цело лето има џагор од деца и луѓе до најдоцните ноќни часови. Таму секоја есен по два месеци има откуп на грозје и секој кој живее во Тиквешија знае каква е состојбата на патот пред откупните пунктови! Секој што го знае местото на локацијата знае дека е до самиот пат, нема двор, нема ама баш никаков простор за тие деца да излезат на свеж воздух. И што ќе се случи, од една затворена институција ќе ги изнесете и ќе ги затворите во уште полош затвор. Е затоа неможам да се сложам, затоа што секој ден кога ќе поминувам таму ќе носам грижа на совест дали тие деца ноќта мирно спиеја или можеби кога сум поминала со кола сум им го нарушила мирот”, гласи еден од коментарите.
Друг коментар гласи:
“Читајќи ја информацијата сакав да дојдам до поконкретни информации за што се работи. Истражував и верувајте се згрозив од иницијатвата на госпоѓата министерка. Почитувани сограѓани, читајќи ја информацијата за деинституционализацијата на лицата со посебни потреби кои треба да бидат сместени во Неготино и Тимјаник, сакав да дојдам до поконкретни информации за што се работи. Во Неготино и Тимјаник ќе бидат сместени лица кои се целосно физички неподвижни и кои не можат да ги извршуваат своите потреби воопшто. Секоја почит и поддршка за нив. Имав можност да ги видам децата кои ќе бидат донесени и верувајте како човек и како родител се прашувам кои услови им ги нудат на тие деца во просториите каде ќе бидат сместени, дали има во вас госпоѓо министерке и во вас градоначалниче малку човечност и трошка морал. Децата се со тежок хендикеп. Каде ќе ги сместите, во затвор или по цена на вашите проекти госпоѓо министерке ќе си поигрувате со животите на овие деца. На тие деца им треба простор, како во институцијата. Каде ќе ги шетате по патот Дисан – Тимјаник или по индустриската во Неготино. Немојте да си правите експерименти со нив. Прикажете ја реалната слика. Како што велите почитувани сограѓани, наместо да се пренамени објектот во Тимјаник за градинка, да можат младите родители да работат и истовремено да одвојуваат средства за таквите институции госпоѓата министерка ќе профитира од донациите и проектите. На секоја посета во Заводот во Д.Капија, почитувани, госпоѓата министерка била заинтересирана само за проектите кои нејзините невладини организации таму ги реализирале. А се знае и зошто, затоа што таа дојде од невладиниот сектор и истата се самонаградува со проекти чии жртви се лицата со посебни потреби.Ваков ли е животот што Царовска и градоначалникот го ветуваа?!?”