Славица и Мирјана, ќерките на најстарата излечена пациентка од ковид-19 даруваа крвна плазма, објави министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук.
– Славица и Мирјана се двете ќерки на најстарата излечена пациентка од КОВИД-19, кои исто така беа позитивни и оздравеа од овој вирус. Тие минатата недела даруваа конвалесцентна плазма која ќе се користи како лек и надеж за потешките пациенти заболени од коронавирусот. Од сè срце им се заблагодарувам за хуманоста, објави Филипче.
Најстариот излекуван пациент од ковид-19 во Македонија е 85 годишната Елена Макалоска од Прилеп која се лечеше во општата болница во тој град.
– Упатувам апел до сите оние лица кои се излечени од КОВИД-19 да се пријават за дарување на конвалесцентна плазма. За пријавување пополнете го електронскиот формулар на веб-страницата на Институтот за трансфузиона медицина. Да бидеме хумани и да им помогнеме на пациентите заболени од КОВИД-19 побрзо да оздрават, порача Филипче.