Пожарникари од Битола, Кривогаштани и Крушево одржаа заеднички вежби за справување со пожари и поплави кај село Годивје (ФОТО)

На 26-ти октомври во непосредна близина на селото Годивје во Oпштина Кривогаштани беа изведени две тренинг-показни вежби. Овие вежби се фокусираа на справување со шумски пожари и управување со ситуации од поплави.

Овие активности се дел од проектот :„ ПРЕВЕНЦИЈА И УПРАВУВАЊЕ СО ПРЕКУГРАНИЧНИ КОМПЛЕКСНИ ПОПЛАВИ И ШУМСКИ ПОЖАРИ – SOLVE “ што го спроведува Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола.

Овој проект е дел од Програмата за прекугранична соработка со Грција 2014-2020 година, која спаѓа во Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија.

Примарната цел на овој проект е да се намалат ризиците поврзани со шумските пожари, како во урбаните така и во дивите области, како и да се подобри управувањето со поплавите во регионот. Проектот има за цел да создаде модел кој може да се примени и во други региони.

Во вежбите учествуваа единиците од ТППЕ Битола, ТППЕ Кривогаштани, ТППЕ Крушево, како и единицата на ДПД Архангел од Битола.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.