Пожарите во прилепско се една од трите најкритични точки во моментов низ Македонија, соопштија денеска на прес-конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и неговите соработници. Тие велат дека засега не може да се каже точната бројка на пожарите во земјава, зашто се менува од минута во минута.
Предмалку, огнот се прошири и до патот кај превојот Плетвар, кој беше затворен за сообраќај.
Од ЦУК соопштија дека на терен моментно се околу 300 војници од Армијата. Дејствуваат три хеликоптери од Србија, а вкупно се четири на располагање, три за гасење и еден за извидување. Од Бугарија се дојдени 25 пожарникари со 11 возила, од Словенија 40 пожарникари со 16 возила и од Австрија се очекуваат 120 пожарникари со 40 возила. Австриската извидница е веќе кај Пехчево, Берово, Делчево, во пијанечкиот регион, каде бугарските служби дејствуваат. Се бара поддршка и со воздухоплови, но секаде има пожари.
Сопиште побарало 50 војници за гасење на пожарот, а Куманово 80. Таму за неполн час избувнале седум пожари.
“Во општина Прилеп, пожарот во атарот на с.Ракле – с.Никодин – с.Топлица е активен со јак интензитет. Од с.Ракле евакуирани се две неподвижни стари лица и префрлени во својот дом во Прилеп. Интервенцијата ја спроведе екипа од МВР ПС Прилеп со возило на ПС Прилеп.
Во с.Ракле останати се уште 5 лица од месно население, а интервенираат 7 од ТППЕ Прилеп и 10 лица од месно население.
Пожар на потегот Дрен – Смолани (опш.Прилеп) со кој гори сува трева, смрека, чолија и лисната постелка е со јак интензитет. На истиот локалитет има и еден приземен пожар на м.в.Мањов Дол, каде гори нискостеблеста дабова шума.
Интервенираат 3 пожарникари на ТППЕ Прилеп и 2 лица од месно население, како и 7 работници на ШС Црн Бор Прилеп.
На пожарите повлечени се припадниците на АРСМ.
За во 18:30 часот свикан е кризниот штаб на ЕЛС Прилеп, а од страна на градоначалникот на ЕЛС Прилеп добиено е и барање за воздушна и армиска подршка.
ТППЕ Прилеп известува дека во 15:50 часот интервенираат на запалена сува трева кај с.Тополчани”, информираат од ЦУК.
Сообраќајот на патниот правец Прилеп – Градско, кој поради пожар кај местото Топлица беше во прекин, од 19:30 часот е нормализиран во двата правци – велат од АМСМ.