Организационен одбор при храмот Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп, подготви ново музичко уживање за граѓаните, а со цел доизградба на овој црковен храм.
Во продолжение ја пренесуваме поканата:
-Со особено задоволство Ве покануваме на концертот „Поетот на клавишите: Шопен и младите таленти,“ кој ќе се одржи на 13 ноември (среда) во нашиот храм, со почеток во 19:00 часот.
Во оваа уникатна вечер ќе имаме чест да слушаме седуммина најдобри млади пијанисти од Државното музичко училиште во Битола, таленти од Прилеп и Битола кои веќе имаат остварено значајни успеси и признанија на бројни концерти и натпревари, претставувајќи ги со гордост нашите градови и нашата татковина, Македонија.
Под водство на своите професорки, д-р Татјана Божиновска, м-р Билјана Димовска и м-р Маја Божиновска, овие талентирани пијанисти го претставуваат најдоброто од младинскиот музички потенцијал на нашата земја. Нивниот беспрекорен труд, извонреден талент и посветеност на музиката ни овозможуваат уживање во креациите на Шопен и го оживуваат духот на пијаното на нашите простори.
Во прекрасниот и акустичен амбиент на храмот Света Петка, кој станува препознатлив не само како духовен ами и како културен центар, ве покануваме да присуствувате и заеднички да ги поддржиме овие млади виртуози. Вашето присуство и поддршка не само што ќе ја потврдат вредноста на нивниот труд, туку и ќе придонесат кон продолжување на ваквите духовни и културно-уметнички настани во иднина.
Срдачно ве очекуваме на оваа музичка вечер!