Поетите од Балканот и светот се сретнаа во Прилеп – мост на љубовта и културата (Фото галерија)

Изминатиот викенд Прилеп беше град на поезијата, во вистинска смисла на зборот.

На 9. и 10. август се одржа осумнаесеттата традиционална меѓународна поетска манифестација “ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ 2025”.

Во квечерината на 9. aвгуст, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, се одржа грандиозно издание на манифестацијата на која се промовираше овогодинешниот зборник, во кој се застапени околу 200 поети од Македонија, Балканот и пошироко. Два и пол часа присутните уживаа во поетските изливи на присутните поети, а после завршувањето на официјалниот дел, следуваше закуска за гостите.

На 10. август беше организирана посета на првичното место на одржување на оваа манифестација, на тронот кај слонот на дел од поетите кои ноќеваа во Прилеп.

Претседателката на Клубот на литературни творци Прилеп, Андриана Ристеска, меѓу другото истакна:

-Чест е да се биде организатор и домаќин на една ваква манифестација, која е најголема од овој вид во нашата држава.. Од година во година се зголемува и се одржува на завидно ниво бројот на застапени автори во Зборникот, кој се печати според објавениот конкурс. Меѓународната традиционална поетска манифестација “ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ” претставува благороден и успешен начин, преку литературата и убавиот пишан збор да се запознаат и зближат луѓето од различни култури и простори. На тој начин, поезијата станува мост за поврзување на поетите од Македонија со поетите од Балканот и пошироко, што го потврдува фактот дека за поезијата и поетите не постојат граници, и дека јазикот на позитивната мисла и љубовта е разбирлив за сите луѓе, без разлика од каде се и каде живеат.

Покровители на овој настан се: Општина Прилеп и градоначалникот, д-р Борче Јовчески, како и Министерството за култура и туризам на Република Македонија. Свој придонес дадоа и општествено одгововорни компании, кои секоја година ја поддржуваат манифестацијата: “Прилепска пиварница”, ПИ “Витаминка” Прилеп, ДОО “Магрони” Скопје, пекара “Маја”, “Ѕвончар” ракија и секако, постојаниот поддржувач, Центарот за култура “Марко Цепенков” – Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.