Светот се соочува со досега невидена криза во производството на храна. Климатските промени, сушата, но и војната во Украина, нанесуваат огромни удари врз земјоделството и прехрамбената индустрија насекаде во светот. Во споредбите на состојбите, најчесто се користи состојбата во светот за време на Втората светска војна.
Поскапени се репроматеријалите и сточната храна кои ги користат млекопроизводителите, со што им се нанесе тежок удари загуби, но, се чини дека во Македонија, состојбите будно се следат и се преземаат мерки за справување со кризата.
На сила е Националниот план за производство на храна преку кој се дава конкретна поддршка на земјоделците и секоја педа обработлива земја се става на располагање за обработка. Крајната цел е поголем домашен принос пред се на стратешки култури и помала увозна зависност на државата.
Во рамки на Националниот план е и интервентната мерка вредна над 140 милиони денари за финансиска поддршка на млекопроизводителите по литар произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во домашни капацитети за период од 1 октомври 2021 година до 30 септември 2022 година.
Оваа мерка е наменета за директен дотур на свежи финансиски средства кај млекопроизводителите кои се под директен удар и трпат загуби од светската криза. Исто така, Платежната Агенција уште во јуни оваа година изврши исплата кон 10.277 млекопроизводители во висина од 76,3 милиони денари за предадено млеко во период од јануари и февруари 2021 година.
Од страна на Платежната Агенција до министерството за финасии се поднесени налозите за исплата и на предаденото млеко за март, април и мај 2021 година, кон околу 6.000 корисници во вредност од 150 милиони денари.
Охрабрувачки е да се види дека во моментите кога целиот свет стравува што може да донесе денот и дали ќе се издржи ова темпо на поскапувања, македонскиот земјоделец добива директна помош од државата, која барем до некаде ќе ги ублажи маките.