“Подгответе се! Сметките за вода во Прилеп ќе бидат повисоки за 17 денари плус за секој потрошен кубик?!”

И покрај предизборното ветување на сегашниот градоначалник од редовите на СДСМ во Прилеп, дека прилепчани ќе пијат 20% поевтина вода за пиење, се случи спротивното. Цената на водата за пиење остана непроменета, но поскапеа сметките за вода.

Со одлука на владеачкото мнозинство во Советот на општина Прилеп на 19.02.2018 година, не се испочитува ветувањето на Илија Јованоски, па цената на водата за пиење остана непроменета, но она што се промени е цената на услугата за собирање и одведување на урбани отпадни води која е дел од сметката за вода.

Досега граѓаните плаќаа по 3 денари за метар кубен на име на оваа услуга, цена која сега е зголемена на 5,28 денари, или плус 2,28 денари на секој потрошен метар кубен вода.

На приложените сметки може да се забележи зголемувањето на услугата за собирање и одведување на урбани отпадни води и да се види дека прилепчани навистина плаќаат повисоки сметки за вода, наместо како што беше ветено дека ќе добијат за 20% помали трошоци.

На 29.06.2018 година, Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие донесло одлука со која ја утврдило цената за прочистување на отпадни води, надоместок кој граѓаните ќе го плаќаат за секој метар кубен потрошена вода.

Управниот одбор одлучил граѓаните да плаќаат 17, 35 денари за секој метар кубен потрошена вода, нешто што ќе значи уште поголемо оптоварување на семејните буџети на прилепчани.

Па така ако го земиме претходниот пример, на 15 метри кубни потрошена вода во месецот, сметката од 540 денари ќе скокне за дополнителни 260 денари, или вкупно 800 денари.

Ова за едно скромно прилепско семејство кое во просек троши по 15 кубици месечно, ќе значи голем товар и дополнителен годишен трошок од 3.100 денари.

Значи покрај тоа што цената на водата остана непроменета и не се реализираше ветувањето на градоначалникот за 20% пониски сметки за вода, на сметката се додаде поголем трошок за одведување на отпадни води од 3% на 5,28%, а сега и надомест за прочистување на отпадните води.

Одлуката на Управниот одбор на ЈКП Водовод и канализација во вторникот беше дел од дневниот ред на дваесеттата седница на Советот на општина Прилеп. По реакцијата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, точката била одложена и оставена за понатамошно одлучување.

Веќе наредниот ден од опозициската партија одново реагираа и побараа општината да размисли за субвенционирање на оваа цена, целосно или делумно, а не трошокот да падне само на грбот на граѓаните.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.