Фудбалерите на Победа со нерешен исход на гостувањето во соседно Крушево ја стартуваа пролетната полусезона на Втората лига-Исток. Очекувањата на сите беа победа и 3 бода, но на крајот се спасија и од пораз во судиското надополнување на загубено време.
Натпреварот кој се одигра во саботата во Крушево е еден од оние антологиските во македонскиот фудбал – во негативна смисла на зборот. Кога експедицијата на Победа пристигна на стадионот во Крушево нешто по 12 часот затекна 90% покриен терен со снег. Само мал обид во должина на теренот да се исчисти теренот со трактор, и тоа половина час претходно. Се што потоа се случуваше е во најмала рака чудно. Домаќините сакаа, па неќеа да играат, не сакале на алтернативниот пријавен терен во Прилеп (кој есеноска без никаков надомест им беше на располагање), консултации со ФФМ, да се игра и или не и што да се прави.
Целиот овој трилер (откако веќе останатите натпревари започнаа), кулминираше по 14 часот со одлуката на судијата Ѓуровски дека мечот ќе се игра ако се обележат границите на теренот (со црвена боја)…. И конечно натпреварот започна во 15,38 часот…. по повеќе од 3,5 часовно чекање на фудбалерите на Победа на теренот и неизвесноста дали ќе се игра или не.
Натпреварот заврши, па скоро и по мрак во 17,34 под адолните рефлектори на крушевскиот стадион, на рамниште на улични светилки… Јавноста нека суди дали некој друг клуб имал вакви услови или бил учесник на еден официјален натпревар под капата на ФФМ…. Не е алиби за неуспехот и загубените 2 бода – велат од ФК Победа.
А самиот натпревар, што се однесува до Победа имаше две различни лица. Првото очајно, бледо, потценувачки кон противникот и второ малку посолидно и поорганизирано со 2 гола, една статива (кисески-Илијоски) и неискористен зицер со глава на капитенот Гешоски. Питу Гули го заслужи бодот со пристапот кон самиот натпревар и невидената мотивираност на домашните фудбалери кои со адреналински максимум одиграа меч каков што веројатно нема да им се повтори. Како да им зависеше опстанокот или да играа за влез во повисок рантг-тие си знаат за сопствената мотивираност. И токму на таа нивна мотивираност и пристап треба да им позавидат или да извлечат поука избраниците на тренерот Крстески. Поголем дел од нив како да влегоа потценувачки, недоволно концентрирани, на моменти се добиваше впечаток дека помислија дека е доволно што се појавиле на теренот и победата ќе си дојде сама по себе. Студен туш доживеаа уште во 10-тата минута кога домашниот капитен Андрески од слободен удар од скоро 30 метри го совлада Котевски, кој мораше да интервенира подобро во оваа ситуација. Во овој прв период со многу грешки и недисциплина во играта Победа не упати ниеден директен удар кон противничкиот гол-видовме само два лоши обиди на Гешоски….и толку.
По прекорите во соблекувалната во вториот дел евидентно беше малку подобро издание.Посериозен, поагресивен пристап кој резултираше со теренска иницијатива која за жал по лошиот терен не можеше да дојде целосно до израс. Домаќините имаа многу среќа по силниот удар на Кисески-Илијоски во стативата во 49-тата минута, а се чини шансата на мечот(можеби и за победа) не ја искористи Гешоски, чиј удар со глава по 5-6 метри заврши за малку крај голот на Велески. Израмнувањето на 1-1 стигна во 66-тата минута кога по центаршутот на нововлезениот Ефремов Гешоски со глава одблиску ја втурна топката во домашната мрежа. Но наместо ваквиот развој на настаните да биде мотив повеќе за уште поголем притисок беше дозволена контра и домашен играч 40 метри непречен од никого да ја поведе топката до голот и да асистира на Златески кој биеше во спротивниот агол на Котевски за 2-1. Но треба да се каже и фактот дека на контрата за водечкиот гол на П.Гули претходеше недосуден пенал на 17-18 метри пред домашниот гол врз Анастасовски…До крајот и по скоро полумракот малку вистински фудбал со чести прекини, измени, глумење повреди за задржување на време и 2-3 слободни удари за Победа. За среќа последниот успеа да го реализира Дунимаглоски во 4-тата минута од судиското продолжение за конечни 2-2, по што судијата Ѓуровски веднаш отсвири крај на мечот.