Најтешкиот период во својата историја го живее ФК Победа. Во моменти кога клубот се соочува со сериозна криза, единствениот излез е заедништвото – обединување на сите прилепчани и пријатели на Победа околу заедничката цел: опстанок и стабилизација на клубот.
По тој повод, Управниот одбор на ФК Победа, предводен од извршниот директор Филип Илиоски, организира масовен собир на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, закажан за денеска, четврток (19 февруари 2026 година), со почеток во 14:00 часот.
Собирот ќе биде во форма на мини-трибина, на која сите заинтересирани ќе имаат можност:
-да добијат детално објаснување за актуелната состојба во клубот,
-да постават прашања и да ги расчистат сите дилеми,
-да предложат идеи и конкретни решенија за иднината на Победа,
-да дискутираат за настапот на сениорската екипа во пролетниот дел од Втората фудбалска лига на Македонија за сезоната 2025/2026.
Повикот е упатен до новинари, фудбалери, спортски работници, граѓани, претставници на локалната самоуправа, компании, стопанственици, како и до сите засегнати страни – вклучително и оние кои имаат финансиски побарувања од клубот. Вратата е отворена за секој што сака да праша, да предложи или да помогне.
Од клубот нагласуваат дека се подготвени на сите можни одлуки – и негативни, како евентуален прекин на учеството во Втората лига, но и позитивни, со можност во последен момент да се донесе одлука за продолжување на настапите, почнувајќи од саботниот натпревар против Новаци.
Сега е време за единство. Судбината на Победа зависи од сите нас.
























