Фудбалерите на Победа ги завршија настапите од годинашниот циклус натпреварувања во Купот на Македонија.
Попладнево на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ црвено-белите загубија од актуелниот освојувач на купот, eкипата на Македонија Ѓорче Петров со 0-2, полувреме 0-2.
Како што и самиот резултат кажува, победашите практично мечот го загубија со бледото и анемично прво полувреме кога дозволија два ефтини гола.
Во продолжението играта се подобри, малубројните околу 500 гледачи видоа нешто подобро издание и неколку возбудувања, но резултатот не се менуваше.
Се на се заслужен пораз во игра, во која гостите ги искористија сите слабости на домаќинот, во чии редови пак изостана поголема желба за победа, која е и тоа како потребна, посебно кога се игра пред домашната публика и за светиот црвено-бел дрес.
Победа: Котевски, Бошески, Паноски, Стомнароски, Ѓурковиќ, (од 29 мин. Делов), Тодоров (од 60 мин. Тодороски), Аризанкоски, Амос (од 67 мин. Тошески), Мазари, Џејмс (од 46 мин. Б. Спиркоски), Галевски (од 46 мин. Петејчук).