Фудбалерите на Победа утре од 16 часот на стадионот во скопската населба Железарница, во меч од 6-тото коло на Првата лига, ги очекува дуел со домашниот состав на Скопје.
Ќе биде тоа дуел на двете последнопласирани екипи на табелата. Своевидно дерби на дното на состави, кои повеќе од јасно дека во директна пресметка ќе атакуваат на победа, и 3 бода за оддалечување од противникот.
Шефот на Стручниот штаб Бобан Бабунски нема проблеми околу составот, и со најдобар тим патува на гостување на секогаш тешкиот терен на Железарница. Бодот од средата во Чаир, во дуелот со шампионот Шкупи, вреден како 3 бода, ќе добие на уште поголема тежина и важност ако биде потврден со успех на утрешниот меч.
Во позитивна атмосфера се дочекува дуелот со Скопје. Фудбалерите сигурно се свесни за значењето на мечот.
Едноставно мора да го дадат максимумот од себе во овој момент. На Железарница мора да се одигра храбро и одговорно, против тим кој нема да бира ни начини ни средства да дојде до позитивен резултат.
Со зацврстена самодоверба во сопствените квалитети и можности, зголемениот капацитет и перформасните на засилениот состав, влеваат надеж и оптимизам за реално очекувања дека црвено-белите се кадарни од Скопје да се вратат со позитивен резултат.