Победа и Воска играа на жолта подлога во Прилеп: Два пресврти и победа на гостите кои добија и два црвени картони

Попладнево на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ фудбалерите на Победа во генералната проба пред стартот на пролетниот дел на првенството на Втората лига-Исток ги одмерија силите со амбициозниот состав на Воска.

Прилепчани настапија во слободно може да се каже преполовен состав, но и покрај минималниот пораз од 2-3 (1-1) оставија солиден впечаток, во дуелот против екипата која во своите редови има повеќе искусни прволигашки фудбалери, и со голем буџет е проектирана за остварување на пласман во Првата лига.

Црвено-белите настапија без Бојан Спиркоски, Дарко Ангелески, Филип Стомнароски, Јорданчо и Марио Наумоски, вториот голман Даниел Котевски и Благој Истатов, кои отсуствуваа поради повреди.

Поради тоа Шефот на Стручниот штаб Димитар Капинковски беше принуден помалку и да експериментира со составот и изведе принудна формација која е далеку од онаа со најдобрите 11-мина.

Треба да се каже и тоа дека гостите од Охрид до 25-тата минута добија 2 црвени картони, за голманот Трајковски и за Демири, но по договор на тренерите Капинковски и Цицмиловиќ, бидејќи стануваше збор за пријателски меч, Воска наместо со 9 натпреварот го доигра со 11 играчи.

Гостите поведоа со голот на Фета, Победа израмни преку Мазари, по асистенција на капитенот Карчески, што беше резултат од првиот дел.

Во вториот дел повторно асистент Карчески, а стрелец за 2-1 Мазари, кој набрзо имаше шанса за 3-1, но одбрани Силјановски.

Гостите најпрвин израмнија со гол од слободен удар на Емини, а до победата дојдоа со голот на Трпески по корнер и невнимание во домашната одбрана, а Петејчук откоско биеше над голот, не користејќи прилика за израмнување.

Од новајлиите сигурно најповолен впечаток остави младиот Атхе Мазари, кој беше стрелец на двата гола, а имаше и еден неискористен зицер (како и Петејчук) и несомнено ќе биде сериозно засилување во нападот. Во отсуство на повеќето повредени, Капинковски во вториот дел им даде шанса и на неколку младинци кои целокупниот подготвителен период го одработија со сениорскиот состав.

Победа:Тофилоски, Бошески, Сркески, Христов, Карчески, Петејчук, М.Дебрешлиоски, Дунимаглоски, Јошески, Мазари и Димоски. Во вторите 45 минути играа уште:Маркоски, Јосифоски, Јакопетрески, Митрески, Д.Дебрешлиоски и Ф.Спиркоски

Пролетната полусезона, во која Победа ја брани есенската титула, стартува следната сабота кога црвено-белите во локалното дерби ќе гостуваат на Братство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.