Во Прилеп денеска по трет пат се одржа коледарската литија во која учествуваа околу 80-тина дечиња од повеќе училишта во градот, и кои носејќи ја макетата на малата пештера, во која се родил Господ Исус Христос, го најавија Христовото раѓање – Божик. Дечињата со благослов на свештениците тргнаа од црквата „Св. Кирил и Методиј“ и одејќи низ улиците во Прилеп ја пееја коледарската песна „Вечниот Бог“.
Малите коледарчиња ја посетија и Општина Прилеп, каде беа примени од страна на градоначалникот Марјан Ристески, кој на секое дете им подели по две пакетчиња, едно новогодишно и едно коледарско, во кое според традицијата има ореви, јаболка, костени и бомбони.
„Ова е еден преубав настан кој се случува во нашиот град трета година по ред. Ова е возобновување на една вековна традиција, коледарењето, и најавувањето на Христовото раѓање. Сите дечиња денеска ги почестивме со новогодишни и коледарски пакетчиња“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Оваа литија во последните 3 години била возобновена после многу години на пауза. Инаку целта на овој настан, освен од религиски била и од хуманитарен карактер.
„Оваа литија има и хуманитарна цел. Утре во црквата „Св. Кирил и Методиј“ ќе имаме панаѓур на кој ќе се продаваат рачни изработки на ученците и потоа со тие пари ќе се купат производи кои ќе се донираат на учениците кои доаѓаат од семејства кои пак припаѓаат на социјално ранливите категории“, рече Моника Дервеноска, наставник по етика во религиите.
Дечињата за оваа литија се подготвувале неколку недели и рекоа дека се пресреќни што се дел од овој настан.
„Се чувствуваме прекрасно на овој ден, шетаме заедно со нашата наставничка, за литијата се подготвувавме околу еден месец. Песната „Вечниот Бог“ е многу убава“, рече Михаела Стеваноска, ученик.
„Јас се чувствувам преубаво бидејќи ја научив оваа стара коледарска песна, и премногу сме радосни сите“, вели Мери Спиркоска, ученик.
Литијата денеска во Прилеп се одвиваше низ старата градска чаршија и сите улици во центарот на градот.