По пожарот од BLISS Битола информираат: Причинета е мала штета, ќе дадеме се’ од себе молот да биде отворен навреме

Дозволете да Ве известиме дека денес, на ден 30.07.2024 во попладневните часови, БЕКОМ ИНВЕСТ ДОО се соочи со несреќен случај во малoпродажен парк БЛИСС, Битола. Поконкретно, во тек на монтажа на декоративната фасада на источната страна од комплексната градба, како последица на искра од швајц- апарат употребен при поставувањето на држачите, се запали фасаден панел. Благодарение на брзата детекција и дојава, и секако, на брзата реакција на гасење со хидрантска мрежа, пожарот за релативно кратко време беше локализиран од страна на ТППЕ Битола – информираат од BLISS Mall & Retail Park на социјалните мрежи.

-Овде, дозволете да ја изразиме нашата бескрајна благодарност до командирот и сите вработени на ТППЕ Битола, кои беа на ниво на задачата и извршија навремена локализација. Дополнителна и голема благодарност изразуваме до градоначалникот на Општина Битола, г-дин Коњановски, секретарот Димитровски, на раководството на јавните претпријатија кои извршија брз увид со своите екипи, на пожарната единица од РЕК Битола, како и на обучениот затекнат кадар на објектот вклучувајки ги сите останати лица кои несебично се вклучија во помошта при гасењето на пожарот.

Она што за нас е најбитно е да Ве известиме дека нема повредени. Единствено, според првичниот увид, причинета е мала материјална штета која го опфаќа фасадниот панел на источната страна, кој благодарение на фактот што е со PIR исполна (огноотпорен) во комбинација со PIR (огноотпорни) кровни панели и дополнителна внатрешна изолација со камена волна и огноотпорни ѕидови од гипсени табли, се спречи проширување во внатрешноста на објектот и на околните фасади од објектот.

По извршениот увид после гасењето на пожарот не се констатирани штети на останатите делови на објектот ниту на конструктивните делови од истиот.

Утрешниот повторен и подетален увид ќе даде конечен одговор во однос на отварањето на Ретаил паркот и Молот, за што ќе следи дополнително известување.

БЕКОМ ИНВЕСТ Ви ветува дека ќе даде сѐ од себе, со сите свои сили, можности и ингеренции да ја надмине оваа ситуација, со цел да направиме отворањето на оваа капитална градба за градот и околината да биде без задоцнување а истовремено да претставува безбедно и удобно место за сите.

Со искрена надеж дека БЛИСС за брзо ќе стане место на средби и насмевки – стои во соопштението.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.