„Во 1941 година, Хитлер им го доделил Вардарскиот дел од Македонија на своите фашистички сојузници Бугарија и Италија. Бугарската окупаторска војска набргу почнала со обиди за присилна денационализација и терор врз Македонците. Поради тоа, Македонците кренале масовно востание против бугарската окупаторска власт. На 11 октомври 1941 година, македонските востаници во Прилеп ја нападнале бугарската полициска станица. Истиот ден бугарската полиција и војска жестоко се нафрлиле врз мирното население. Граѓаните на Прилеп масовно биле претепувани и затворани. Од ваквата постапка на полицијата и војската биле огорчени дури и некои службеници на бугарскиот фашистички режим.“ – пишува Александар Донски во својата статија со наслов „Бугарско сведоштво за настаните во Прилеп“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму, покрај другото, Донски наведува: „Еден од нив бил Коста Црнушанов, прилепчанец, кој во тоа време работел како службеник во просветата во Прилеп. Тој бил сведок на она што се одиграло во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Иако бил во служба на бугарската власт, испратил протестно писмо до бугарскиот министер за просвета во врска со овие настани. Во писмото јасно се гледа неговата огорченост од постапките на бугарските окупатори. Меѓу другото, бугарскиот службеник Црнушанов до својот министер напишал:
,,Очевидците и настраданите ми раскажуваа низ плач: Ако некој има видено глутница од волци како напаѓа стадо, тогаш може да си претстави како изгледаше апсењето и претепувањето на прилепските граѓани. Луѓето беа апсени каде и да се наоѓаа: дома, на кино, во кафеана и на други места. Беа водени во участокот, а оттаму во затвор. По патот кон участокот беа тепани до бесвест и им беше пцуена ’мајката македонска‘!“
„Црнушанов исто така напишал во своето писмо: ‘Кои беа тепачите? Тоа беа полицајците, војниците и некои од началството, вклучувајќи го и бившиот полициски началник на областа. Тепаа со стапови. Маваа со цевките од пушките. Удираа со греди и клоцаа со нозете. Удираа каде што ќе стигнат: по главата, по грбот, насекаде… Од околу 300 претепани граѓани, во затворот беа задржани 70… Претепаните се од најразлична возраст: од млади, па сѐ до 70-годишни старци, каков што е случајот со Митре Мазарот… Притоа не било вршено само малтретирање и тепање на лицата, туку истите биле и ограбувани. Им биле крадени парите и другите вредности, пенкала, часовници и друго. Ограбувањето го вршеле полицајците и војниците.’ (Извор: Коста Црнушанов: ‘Принос к’м историјата на ММТРО’, Софија, 1996 год.).“
„Ова сведоштво е од исклучителна важност затоа што претставува автентичен бугарски документ (официјално писмо од официјален бугарски службеник) за теророт на бугарската окупаторска власт против македонското население во Прилеп. Коста Црнушанов е еден од основачите на ММТРО (Македонската младинска тајна револуционерна организација), основана во 1923 година во Виена. Во 1990 година тој е еден од обновувачите на Македонскиот научен институт во Софија, кој целосно е посветен на македонското минато и сите свои сили ги користи да докаже дека тоа било бугарско. Со својот негаторски став кон сѐ што е македонско во текот на својот живот останал доследен на бугарските позиции за македонското прашање.“