Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во скопската касарна „Илинден“ додели награди и стимулативни мерки на припадници на Армијата за вложениот труд и остварените резултати во гасењето на пожарите што ја зафатија територијата на Република Македонија.
Со парична награда од 20 илјади денари наградени се 14 лица од воздухопловниот винг при Командата за операции, со 10 илјади денари наградени се 274 лица од Команда за операции, 10 лица од Батаљон на специјални сили и 12 лица од извидувачко – разузнавачки батаљон.
Со три дена наградно отсуство се наградени 228 лица од Команда за операции и 10 лица од Батаљон на специјални сили. Пофалени се 463 лица од Команда за операции, 10 лица од Батаљон на специјални сили и 13 лица од извидувачко – разузнавачки батаљон.
Шекеринска им оддаде признание и благодарност за нивната пожртвуваност и храброст за време на пожарите, кога спасија многу животи, многу имоти и природни богатства, со нивниот, како што потенцира, беспоштеден ангажман во гасењето на огнените стихии.
Знам дека тоа што правевте и жртвата што ја преземавте, истакна таа, не ја правевте ниту за пари, ниту за пофалници, ниту за слободни денови, туку заради Вашиот збор дека ќе служите и ќе сторите се за да ја заштитите државата и да ги одбраните нејзините луѓе.