По 18. пат викендов ќе се одржи манифестацијата “Поетско Маркукуле” – Поети од Македонија, Србија, Хрватска, Австрија, Англија, Белгија… на едно место во Прилеп

И повторно, во вториот викенд на месец aвгуст, викенд резервиран за Меѓународната поетска манифестација “ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ” веќе 18 години.

На 9. август 2025 год., Прилеп ќе биде град на поезијата. Оваа година на конкурсот кој беше објавен во месец мај, повторно се пријавија околу 200 поети од сите градови на Македонија, како и поети од над 10 други држави.

Најбројни се авторите од Србија и Бугарија, но ги има и од Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, Англија, Белгија, Албанија, Словенија и други.

“ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ 2025” се одржува по осумнаесетти пат, со тоа што само во 2020 година не се одржа поради пандемијата. Организацијата на овој настан Клубот на литературни творци Прилеп ја презеде од библиотеката и општина Прилеп пред 8 години.

“Чест е да се биде организатор и домаќин на една ваква манифестација која е најголема од овој вид, после “Струшките вечери на поезијата”. Од година во година се зголемува и се одржува на завидно ниво бројот на застапени автори во Зборникот, кој се печати според објавениот конкурс. Како најголеми поддржувачи се oпштина Прилеп и Министерството за култура и туризам на Република Македонија, НУЦК “Марко Цепенков” Прилеп, како и општествено одговорни компании како: “Прилепска Пиварница”, “Витаминка”, “Магрони” – претставници за “Добра вода” и други, кои секоја година донираат свои производи.

Меѓународната традиционална поетска манифестација “ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ”, претставува благороден и успешен начин преку литературата и убавиот пишан збор, да се запознаат и зближат луѓето од различни култури и простори. На тој начин, поезијата станува мост за поврзување на поетите од Македонија, со поетите од Балканот и пошироко, што го потврдува фактот дека за поезијата и за говорот на љубовта не постојат граници, и дека јазикот на поезијата и љубовта го разбираат сите”, стои во поканата од организаторите.

Манифестацијата на која ќе се промовира Зборникот “ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ 2025”, ќе се одржи на 9. и 10. aвгуст. Почетокот е на 9. aвгуст во 18.00 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Вториот ден е предвиден за испраќање на гостите кои ќе ноќеваат во Прилеп и кратка посета на првичното место на одржување (На тронот кај Слонот) доколку дозволат условите, како и запознавање со знаменитостите на градот. На тој начин, овој настан е вистински промотор на културата и убавините на градот Прилеп и на Република Македонија.

Сите вљубеници во поезијата и убавиот пишан збор, се поканети да присуствуваат на овој значаен културен настан за Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.