На 19 март во хотелот Александар Палас, традиционално по 17. пат ќе се одржи Виенскиот бал во Скопје, во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус”, а под покровителство на амбасадата на Република Австрија во Македонија.
Седумнаесет години Скопје е една од привилегираните метрополи во светот што имаат свој Виенски бал, што ја потврдува македонско-австриската соработка на полето на културата и уметноста. Врвни уметнички имиња од нашата земја и музиката на легендарната династија Штраус, прават оригинален спој на културите на двете држави. Гостите на балот ќе танцуваат виенски валцер, ќе уживаат во екстравагантноста на Штраус музиката и уметноста кaрактеристична за легендарниот музички дух на Виена.
Вечертаќе се пеат и евергрини и хит рефрени, а сите присутни ќе уживаат во настапите на оркестарот „Јохан Штраус“ – професионални музичари и инструменталисти под диригенство на маестро Саша Николовски – Ѓумар, танчерите на танцовиот клуб „Прима данца“, „Тумбао салса бенд“, Нина Јанева, Горан Папас и „2Еxit“.
Ќе настапат и првенците на Балетот при МОБ – Мими Поп Алексова-Атанасовска и Бобан Ковачевски.
Водител на Виенскиот Бал во Скопје ќе биде Јована Стојменовиќ.