По 17 години чекање, Македонија ги отвора преговорите со ЕУ, народот очекува европски пари и реформи

Денес во Брисел, висока македонска делегација и официјално го започна првиот дел од преговорите со ЕУ, таканаречениот скрининг – процес во кој ќе се испита во колкав обем македонското законодавство е усогласено со тоа на ЕУ и што треба да се преземе за што поскоро целото наше законодавство, а со тоа и нашето општество, воопшто, да биде на европско ниво.

Досега, усогласени се околу 45 проценти од нашето законодавство, со тоа на ЕУ, што значи државава не започнува од нула, туку завршена е речиси половина од работата.

После 17 години чекање имаме шанса да обезбедиме повеќе европски пари за македонскиот народ. Затоа е клучно, македонската администрација и целото општество, да се фокусира на овој процес за побрза интеграција во Унијата.

Најважно е сега максимално да се фокусирате на секое поглавје, секоја фаза почнувајќи од скринингот да ја искористиме и со максимална посветеност и оптимизам да ја исполниме нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ, објави на својот Фејсбук профил главниот македонски преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ.

Очекувањата на народот од почетокот на преговорите се повеќе од очигледни. Тоа се зголемените европски фондови кои Македонија ќе ги добие на располагање и реформите со кои институциите треба станат поотпорни на корупција. Од друга страна, останува грижата кај граѓаните дека Бугарија сѐ уште не го кажала последниот збор и дека постои ризик од слабеење на македонскиот идентитет за сметка на прифаќањето на европскиот.

Што се однесува до европските фондови кои ќе се користат, со фазата на преговори, земјава ќе добие пристап и до пристапните фондови на ЕУ со чија помош ќе се помогне извршувањето реформите во државата, подобрување на инфраструктурата, образованието, земјоделството, заштитата на животната средина и многу други сектори на општеството.

После осамостојувањето од Југославија, во 1993 година, со широк консензус на сите политички партии кои во тоа време беа активни во Република Македонија, беше одлучено дека зачленувањето во ЕУ и НАТО се најголемите стратешки интереси на земјава. По зачленувањето во НАТО, следен чекор за остварување на македонските национални интереси е влагувањето н земјата во Европската Унија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.