Акатист кон Пресветата Мајка наша Богородица. Мајко на целиот човечки род, моли го Севишниот да ги прими нашите молби и даренија, за здравје и спасение на нашите семејства и нашиот народ.
Во текот на великиот пост, во петоците кога се чита Акатистот на Пресвета Богородица, верниците носат петолебие (пет лепчиња), вино, масло, и пченица за благослов на семејството, градот и државата.
Светите отци за Петолебието велат: „ Овој, пак, благословен леб има разни дарови, ја прекинува температурата, кога се прима со вода, ја прогонува секоја ужасна слабост и кон рожба поттикнува“.
Слично зборува и свети Симеон Солунски: „ На оној кој ги прима со вера( лебовите и виното), му пренесуваат благодат, исцеление и други дарови“.
Значи, голем благослов е овој леб од петолебието и треба да го примаме со вера. Но, да не го сведеме нашиот духовен живот само на обреди, туку должни сме како христијани да постиме, да се молиме, да се исповедаме, да се причестуваме, да доаѓаме редовно во црква, да бидеме почесто во друштво на ангелите и светителите кои се присутни во храмот, и тогаш сите обреди ќе дејствуваат на нас и ќе ни бидат за здравје и спасение.
Денеска во прилепските црковни храмови се пееше петтиот и последен Акатист кон Пресвета Богородица во овој Велик пост.
-Нека Пресветата го моли Својот Син, нашиот Господ Исус Христос, да ги прими нашите молитви и даренија, а ние постојано да и благодариме и да ја величаме, зашто Таа е застапник на целиот човечки род. На здравје и спасение, на нашиот православен народ – напишаа на ФБ од црквата Св. Благовештение.
Храмот беше исполнет со верници, слика која зрачи со посебна духовна убавина!