Претседателскиот кандидат поддржан од владеачката коалиција, Стево Пендаровски по барање на новинарите да го коментира инцидентот со поставувањето на знамето на Република Албанија на источната страна на Самоиловата тврдина во Охрид, денеска апелираше до сите граѓаните да не подлегнуваат на какви било провокации од овој тип.
-Јас во тоа препознавам обид за кревање на меѓуетничките тензии во еден град кој досега немал историјат на такви меѓуетнички препукувања и тоа на неколку дена пред вториот круг на изборите. Немам докази, но мене ми е симптоматично што неколку дена пред вториот круг на избори се случува баш ваков настан. Се надевам дека ако има некаква организација зад тоа од било кого, не мора од државата, можеби и недвор од нашата држава и од регион, би апелирал до тие луѓе да не го прават тоа бидејќи Македонија има заземено добар курс и во сферата на меѓуетничките односи, изјави Пендаровски кој додаде дека е затворен последниот правен дел од Рамковниот договор и земјава оди на вистинскиот пат кон Европа.
Според него, прилично е индикативно што настанот се случува на таков отворен начин.
-Не би сакал да верувам дека некои фактори, можеби надвор од нашата држава сакаат да се кренат меѓуетничките тензии, како што за жал имавме случаи години наназад кога имавме избори од каков било тип, кога на таа карта – кревање на меѓуетнички тензии, добиваат точно знаеме кои политички партии и оние кои го предводеа претходниот режим и искористуваа шанса да се претставуаа себе си за големи патриоти, а другите како предавници на сопствената татковина, рече Пендаровски.
Како легалист, истакна, морате да почитувате процедури и санкции изречени од надлежни органи.
-Можеме да разговараме дали е превисока казната и во пари и околу забраната за влез на тоа лице од пет години. Можеме да се согласиме дека можеби е превисока. Но, во моментот тоа се законските граници од-до. Ако се превисоки, оние што одлучуваат, би требало тоа да го корегираат, изјави претседателскиот кандидат на СДСМ и колицијата Стево Пендаровски.
Извор: “Република”