Пелагониските градоначалници во проверка на градежните работи на автопатот Прилеп-Битола (ФОТО)

Денес, на 11 јули 2025 година, Бехтел ЕНКА кој го гради новиот автопат дел од коридор 10д кој ги поврзува Прилеп, Могила и Битола, во должина од 41 км, беше домаќин на градоначалниците на трите општини: Прилеп, Битола и Могила.

Делница 4 претставува стратешка делница од автопатот, со вкупна должина од 41 километар. Со нејзината изградба значително ќе се намалат времињата на патување и ќе се обезбеди побезбеден, понадежен и поефикасен транспортен правец – подобро поврзувајќи ги семејствата, бизнисите и заедниците во регионот, но и поттикнувајќи нови инвестиции и развој на туризмот.

Оваа делница вклучува 10 моста, 16 надвозници и 6 подвозници, и бара над 5 милиони кубни метри ископ и речиси 4 милиони кубни метри насипен материјал. Во моментот, градежните активности активно се спроведуваат на околу 10 километри од трасата, со работни фронтови кои напредуваат кон Прилеп и Битола.

Проектот вработува повеќе од 600 лица, при што над 55% од тимот доаѓа од локалните заедници. Дополнително, 90% од моментално ангажираните подизведувачи се компании од домашниот пазар. Со над 50.000 реализирани часови обука, Bechtel-ENKA потврдува дека сите вклучени работници се обучени за безбедност и технички вештини.

Како дел од ангажманот со заедницата, компанијата реализираше програма за безбедност во сообраќајот со над 500 ученици од основните училишта во регионот, а исто така активно учествува и спонзорира локални спортски настани, како што се маратони и кошаркарски турнири.

Во соработка со општините, полицијата и жителите, се преземаат мерки за минимизирање на секојдневните нарушувања, а со земјоделците се работи на обезбедување непречен пристап до земјоделските површини.

„Имавме можност да го посетиме и работниот камп каде што се сместени работниците, каде што се извршуваат сите подготвителни активности за се ова да изгледа вака. Навистина респектабилна бројка на луѓе, тимови, опрема, механизација, од кои и ние можеме да добиеме нови сознанија. Оваа делница, дел од Коридорот 10, Прилеп – Битола, значи многу за развој на Пелагонија и воопшто за нашата држава, за Македонија. Ова е една област која години била запоставувана, а сега има исклучителна можност за понатамошен развој во делот на стопанството, економијата, туризмот, протокот на луѓе и стоки. На 15 км од Битола е нашиот европски сосед Грција и ако на ова се надоврзе она што јавното претпријатие го планира од Могила со некои 17 км нов спој со границата со Република Грција, уште повеќе ја зголемува вредноста на овој автопат. Ако на ова се надоврзе делницата од 24 км која ја имавме од Градско – Фариш, нова перспектива за регионот, огромен развој, задржување на младите луѓе, проширување на стопанство, нови можности за инвестиции посебно во индустриските зони“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Посетата беше искористена и за да се упати благодарност до сите институции кои го поддржуваат проектот, вклучително и полицијата, противпожарните служби, како и Инженерискиот баталјон на Армијата и Единицата за отстранување на неексплодирани средства, кои ја расчистуваа трасата од експлозивни остатоци од Првата светска војна.

Особена благодарност беше упатена до градоначалниците на Прилеп, Битола и Могила и нивните општински тимови за континуираната поддршка и партнерство во текот на изградбата на овој значаен инфраструктурен проект.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.