Крајно огорчени и изреволтирани од многугодишната незаинтересираност на државата за конечно да се зафати со решавање на проблемот со очајно лошата патна инфраструктура во регионот, пелагониските стопанственици веќе го губат трпението – oбјави “АЛФА ТВ”
Ова, особено заради тоа што овој горлив проблем на пелагонискиот регион, не е ниту ставен во Планот на Владата за 2021 година, иако тоа беше многукратно ветувано. Пелагонсиките бизнисмени, освен што бараат изградбата на автопат на патот Велес -Прилеп, преку Дервен, па се’ до Битола и Меџитлија да се стави како приоритет број еден, тие инсистираат и на итна средба со премиерот и неговиот економски тим.
„Постоечкото единствено решение со кое овој централен дел на Македонија е поврзан со земјите од Источна, Средна и Западна Европа, поточно со развиениот свет, е она кое преку превојот Плетвар, Дреновската клисура, Росоман и Градско, денес функционира. Но, тој патен правец и ден денес не е дореконструиран, граден е по некакво решение надвор од сите стандарди за градба на ваков пат и е крајно опасен за возачите кои се движат по него.Автопатското решение на овој правец од Велес преку Дервен-Прилеп-Битола и натаму, е дел од Транс-европскиот коридор, означен како 10D, усвоен од поодамна како траен концепт на автопатски решенија од ЕУ.“- стои во рекацијата на пелагонсиките бизнизмени.
Парадоксот да биде уште поголем, и покрај невлегувањето на овој регион во годинашниот план на Владата, премиерот Заев, на крајот од минатата година се пофали дека овде, сепак ќе се градел автопат.
„Почнува во март месец, по „Јелоуфидик“, изградба на автопатско решение Прилеп-Битола. Прилепчани до Битола, ама автопат е автопат. Овој автопат вреди некаде безмалку 100 милиони евра“, посочи премиерот Заев (19.12.2020).
Пелагонискиот регион е втор по големина во придонесот на формирањето на БДП во Македонија, со скоро 12 %. Но, од државата нема соодветна повратна поддршка преку обезбедување соодветна патна инфраструктура, а секојдневно сме сведоци на нерамномерна поддршка во различни региони во државата. Тоа дирекно влијае на привлекувањето на странски инвеститори, на зголемувањето на трошоците на домашните компании, ја намалува конкурентноста на компаниите, го отежнува транспортот и директно го намалува економски раст кој би се постигнал, посочуваат од пелагониската Регионална стопанска комора.
Инаку, бизнис заедницата од пелагонискиот регион, повеќе од 10 години се труди пред надлежните институции да го издигне проблемот на крајно лошата патна инфраструктура во овој дел на државата.
Каролина Дурло