Пелагониските бизнисмени со силна поддршка за новите патни инфраструктурни решенија на Владата во Прилеп и регионот (ВИДЕО)

Пелагонискиот регион започнува да излегува од тридецениската зачмаеност условена од катастрофалната патна инфраструктура. Изградбата на современи автопатишта поволно ќе се одрази врз рентабилноста во работењето на многу компании кои со години наназад се соочуваат со енормно високи дополнителни транспортни трошоци, смета претседателот на Регионалната стопанска комора од Прилеп. Дури, неговите очекувања се дека со новите сообраќајни решенија Пелагонискиот регион повторно ќе го заземе некогашното високо место во креирањето на БДП – објави “АЛФА ТВ”.

„Конечно, после 30 години барања од страна на бизнис-секторот, ќе се излезе во пресрет да се реализира автопатско поврзување на овој регион со останатите коридори. Тој автопат би имал огромно значење, најпрвин во делот на комуникацијата, безбедноста, а потоа и во полесниот пристап на стоки и услуги кои ги нуди овој регион, а исто така ќе го олесни и пристапот до пристаништата во Солун и Игуменица… Од нашето искуство, кога сме имале групни превози, секогаш кога требало да се достави стока до Прилеп, дополнително сме плаќале“, ни изјави за Алфа, Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора – Прилеп.

Според Мариноски, ваквото современо сообраќајно поврзување значително ќе придонесе не само за развојот на регионалната економија, туку и за намалување на иселувањето, кое со години е рак-рана на овие простори.

„Би можел да се ублажи ударот преку вакви работи. Да се отвораат нови работни места, да се прави инфраструктура за младите да имаат можности да остануваат, а и да доаѓаат странски инвеститори за и понатаму да се развива овој регион“, посочува Мариноски.

И вицепремиерот Александар Николоски, при синоќешната посета на Прилеп, потврди дека Пелагонија не само што не е заборавена од државата, туку дека Владата и понатаму ќе продолжи сериозно да инвестира во инфраструктурата во овој регион.

„Во интензивни преговори сме и мислам дека во следните месец до месец и половина ќе видите активности и во Собранието за она што го ветив, а тоа е – од Фариш до Прилеп, исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп би бил од двете страни поврзан со автопат“, вели министерот Александар Николоски.

Инаку, во моментов интензивно се работи на автопатот Прилеп–Битола, кој треба да биде готов до крајот на наредната година. Лани, пак, во јануари во функција беше ставена делницата Градско–Фариш во должина од 16,5 км, а на почетокот од јули беше пуштена во употреба и делницата од Дреново до Фариш во должина од 10,2 км, како дел од експресниот пат Градско–Прилеп.

Kaролина Дурло за АЛФА ТВ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.