Пеколно дерби на Победа и Вардар пред 5.000 публика во Прилеп (Фото)

Фудбалски Прилеп со аплауз ги награди црвено-белите и покрај несреќниот пораз и елиминацијата од Куп натпреварувањето за сезоната 2021-2022.

Денес, иако работен ден, фудбалски празник во Прилеп. Играше Победа и во својот храм Градскиот стадион “Гоце Делчев”, црвено-белите ја добија максималната поддршка од околу 5.000 љубители на фудбалот.

Атмосфера како што може само да се посака и за каква што останатите клубови и градови можат да сонуваат.

А кога се игра најголемото македонско фудбалско дерби Победа-Вардар не може поинаку. Машка, тврда, борбена агресивна и отворена игра од двете страни, иако условите беа потешки поради претоплото време.

Сепак актерите изгореа од желбата за победа на теренот. По саботното дерби со Саса, иако во некомплетен состав и без неколку повредени играчи, денес црвено-белите максимално се потрошија, и затоа по завршување на мечот ги заслужија и добија аплаузите од прилепската публика и своите навивачи.

Во глобала Победа беше поконкретна, особено во првиот дел кога до 20-тата минута избраниците на тренерот Крстески буквално го потиснаа Вардар пред својот гол и креираа неколку шанси.

За жал силниот притисок не вроди со плод и отворање на резултатот, а на спротивната страна гостите од наизглед неопасна акција имаа шанса, а Победа среќа – ударот на Блажевски заврши во стативата.

По мирниот почеток на вториот дел Вардар рано поведе – во 53-тата минута со евро-гол од слободен удар на капитенот Блажевски.

Подоцна Котевски спсуваше по обидот на Керими со што го одржа тимот во борбата за израмнување. Иако од 73-тата минута без исклучениот капитен Карчески Победа остана бројчано инфериорна на теренот не се откажа од израмнување.

Борбената игра ги награди црвено-белите во 94-тата минута кога по центаршутот од корнер на Бошески највисок во гостинскиот казнен простор со одличен тајминг беше Ангелески и мајсторски со глава го совлада Илиќ за 1-1 и ерупција воодушевување на трибините. Со тоа се чини правдата беше задоволена и по 90 минути нерешените 1-1 доведоа до рулет пенали.

При изведувањето на пеналите изведувачите од двата тима беа сигурни се до 3-тата серија кога Котевски во првиот обид го добрани пеналот на Николов, но судиите бараа да се повтори поради наводно предвремено напуштање на гол линијата(го има од убав кадар тој спорен пенеал па проценете сами), за во повторниот обид Николов да постигне погодок.

Во последната серија Петковски постигна гол за 4-5 додека последниот удар на новајлијата во Победа-дебитантот Петејчук гостинскиот голман Илиќ го одбрани и на тој начин го одведе Вардар во осмина финалето.

Стрелци на головите од пеналите за Победа беа: Ангелески, Ф.Спиркоски, Митрески и Бошески.

Се на се вистински празник…добра игра…задоволна публика…

Но, и денес доста фрлени предмети на терен за кои повеќе од сигурно Победа повторно ќе биде на тапет и казнета!!! А тоа ако сите си ја сакаме Победа не смееме да си го дозволиме да и го правиме- на штета најмногу на фудбалерите и онака лимитираниот клупски буџет!

Победа: Котевски, Петкоски (од 53мин Бошески), Стомнароски, Дигаловски, Кисески-Илијоски (од 78 мин Јосифоски), Карчески, Ангелески, Тодороски, Дрешлиоски (од 78 мин Митрески), Јошески (од 86 мин Петејчук) и Б.Спиркоски (од 86 мин Ф.Спиркоски).

Петар Димоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.