Централниот совет на Демократскиот сојуз донесе одлука за самостоен настап на партијата на локалните избори или во коалиција со сродни политички партии, за што го овласти претседателот да води соодветни преговори, соопшти Демократскиот Сојуз.
Оваа одлука била донесена на седницата на Централниот совет, која, како што информираат од партијата, се одржала вчера онлајн на платформата Зум. На седницата се расправало околу актуелните политички случувања, здравствената криза, пописот и претстојните локални избори.
Дополнително, на седницата, Централниот совет бил информиран за состојбите околу пандемијата и одржувањето на пописот, при што зазеле став да ги повикаат граѓаните во дијаспората и во Македонија да се попишат, а државата да ги обезбеди сите неопходни услови за здравствено безбедно одвивање на пописот.
Во однос на претстојните локални избори, Централниот совет на ДС ја повикува Владата да ги обезбеди сите неопходни услови за фер и демократски изборен натпревар, вклучувајќи го и навременото обезбедување на апарати и софтвер за земање отпечаток од прст при гласањето.