Павле Трајанов излезе поголем јунак од Горан Милески – конечно ја напyшти Владата

Демократскиот сојуз, по седницата на Претседателството и Централниот совет, донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство, соопшти на прес-конференција партискиот лидер Павле Трајанов. Одлуката за ваквиот чекор, како што рече Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година.

„Централниот совет заклучи дека ниту една од нашите програмски цели дефинирани низ нашите партиски органи и тела кои беа усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година, но и пред формирањето на оваа влада, не е имплементирана. Имавме договор Македонија да биде една изборна единица, односно да се направат системски реформи во изборните правила. Беше подготвен закон кој помина на собраниските комисии за политички систем и законодавно-правната, но тој сега е блокиран бидејќи спикерот Талат Џафери не ја закажува седницата за овие законски промени. Тоа беше нашата главна определба“, рече Трајанов.

„Баравме реформи во судскиот систем преку ревизија на работата на секој судија и утврдување на неговата имотна состојба. Имавме подготвено закон за преиспитување на факти и докази користени во судски процеси. Овој закон ги помина матичните комисии и сега е блокиран, односно не се става на пленарна седница. Што се однесува до борбата против корупцијата, баравме да има посериозен пристап и силна волја на сите партии. Предложивме формирање на агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и корупција. И за овој проект немаме поддршка. Има и други работи, предлагаме да се формира фонд, два отсто од буџетот за бизниси на младите и секој студент, штом ќе дипломира, да се вработи во јавниот или во приватниот сектор на сметка на буџетот година дена. Ова е мерка која се применува во Канада и сметаме дека со неа ќе се задржат младите да не заминуваат од Македонија. Но и за тоа немаме поддршка“, изјави Трајанов.

Врз основа на целокупната анализа, додаде тој, донесовме одлука – Демократксиот сојуз нема да ја поддржи реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство.

„И натаму ќе ги поддржуваме сите проекти кои значат имплементација на европските стандарди и натаму сме за членство во Европската Унија. За нас се крајно неприфатливи тезите за поделби на партиите и граѓаните, за наводно формирање сојуз за Европа и сите други кои не се во тој сојуз, дека се против ЕУ. Наша цврста определба останува и понатаму Македонија да биде дел од ЕУ. Ќе бидеме кооперативни за сите проекти за добро на граѓаните и ќе ги поддржуваме и штитиме нашите витални интереси“, рече лидерот на ДС, додаваајќи дека нема потреба за посебен политички субјект ако постојано ги прифаќате ставовите на постариот брат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.