Алармантна е состојбата со Преспанското езеро, водата на некои места е повлечена и по 20-30 метри.
Веќе неколку години медиумите, активисти и разни организации апелираат надлежните да направат нешто и да го спасат од уништување Преспанското езеро.
Полека но сигурно ја губиме оваа прекрасна и еколошки чиста средина. Згаснуваат познатите излетнички места кои на времето биле збиралиште за цела Југославија.
Асамати, Претор, Крани, Стење, Отешево…. места кои будат спомени и кои вриеа од народ пред 20, 30 години.
Денеска таму има неколку убаво уредени плажи, но џабе приватниците инвестирале, кога водата на големо се повлекува и остава тиња и кал на брегот.
Состојбата е малку од малку подобра само во Сливница, а во Долно Дупени и покрај прекрасната плажа се пропаѓа до коленици во тиња кога ќе се влезе во водата.
Фотографиите и видеото се од некогашната плажа кај кампот Асамати, место кое некогаш вриеше од детски џагор.
Денеска таму редовни гости се само оние кои поседуваат приватни бунгалови, а други посетители доаѓаат многу ретко.
Уште колку ли ќе чекаме некој да се освести и да реагира? Ќе дозволиме ли како држава да згасне целосно едно од трите природни езера?