Речиси 13.000 тони тутун се откупени досега од годинашната реколта. Откупот го вршат девет претпријатија, а просечната цена е 191,39 денари по килограм.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека за пет недели деветте откупувачи заклучно со вчера откупиле 65 проценти од очекувањата за годинашната реколта или 12.968 тони тутун.
Просечната откупна цена е 191,39 денари по килограм, а според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство исплатата е реализирана со 90 проценти или досега се исплатени две милијарди и 222 милиони денари.
Субвенциите за тутунот, како што наведуваат во соопштението, изнесуваат 60 денари за килограм, што значи дека во моментов производителите просечно добиваат по 251 денар за килограм.
Според првичните проценки, во реколта 2016 се очекува да бидат откупени околу 20.000 тони тутун. Договор потпишаа 10 претпријатија, од кои 9 го исполнија условот за откуп на тутунот, односно заклучно со 15 декември доставиле банкарска гаранција дека обезбедиле средства за таа намена.
За „Струмица табак“, Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), согласно Законот за тутун и тутунски производи, даде предлог да биде избришана од Регистарот на откупувачи на тутун.
Имајќи предвид дека „Струмица Табак“ претходно потпишала договори за преземање на 2.200 тони тутун, министерот Михаил Цветков и директорот на ДИЗ Цветан Трипуновски вчера одржале состанок со деветте фирми кои имаат лиценца за откуп на „жолтото злато“.
На состанокот сите претпријатија пријавиле интерес за преземање на сите типови тутун од тие 2.200 тони и ќе бидат откупени од нивна страна, согласно Законот за тутун и тутунски производи.