Петар Кироваков е млад фотограф кој иако нема долго искуство со фотографирање, е голем талент и носи неверојатен инспиративен дух во себе, што допрва во иднина ќе го развива и усовршува. Неговите фотографии имаат душа, за миг ќе помислите дека лицата кои се фотографирани ќе ви проговорат. За себе, своите досегашни искуства, награди и идни планови, Петар говори подолу во интервјуто.
Петар ти си млад фотограф, но со доста искуство зад себе, развиeно око и сенс за фотографија. Кажи ни од кога почна да се занимаваш со фотографирање и како се навлече на фотоапаратот?
Со фотографирањето започнав да се занимавам пред неполни две години. Бев поканет на традиционалната клубска изложба на уметничка фотографија на Фoто Кино Клубот – Прилеп, наречена – “Јордан Зазоски – Зазо”. На таа изложба членовите од ФКК ги претставуваат своите фотографски дела кои ги реализирале во текот на претходната година.Тие фотографии кои беа изложени ме инспирираа и тоа беше клучен фактор за јас да започнам со фотографирањето. Моите основни знаења ги стекнав во ФКК – Прилеп и еден голем поздрав до него.
Што треба да се поседува како квалификации и како може да успее некој кој започнал да се занимава со фотографија?
За почеток треба да поседуваш само разбирање, односно да ги прифаќаш критиките кои ти ги даваат поискусните фотографи. Како за почеток јас сметам дека тоа е најпотребно.
Кои се твоите досегашни одликувања, награди и признанија како фотограф, кои си ги освоил на натпревари?
Најголемото достигнување го направив пред два месеци, односно го освоив првото место на дражвно ниво, во областа на фототехника (државен првак на РМ). Исто така имам земено многу награди на изложби и моментално сум втора класа фотограф (го имам тоа звање, прво имав трета сега втора), а се стремам моментално да земам звање на прва класа фотограф. И покрај тоа имам земено доста дипломи и признанија од најразлични настани каде сум бил присутен како фотограф.
Тешко ли е да се добие инспирација за добра фотографија и како најчесто ти добиваш инспирација?
Јас едноставно излегувам, го земам фотоапаратот со мене и шетам низ градот за да направам добра фотографија, а нашиот град е исполент со многу стари архитектури, куќи и секогаш можеш да направиш добра фотографија. Не треба да добиеш и да имаш некоја инспирација за да направиш добра фотографија. Додека шеташ, додека се движиш, на ум ми идат многу идеи и едноставно така се инспирирам и создавам добра фотографија.
Што е пресудно за да се направи убава фотографија, дали секогаш технологијата и софистицираните фотоапарати и програми за обработка се пресудни?
Скап фотоапарат не те прави добар фотографер. Тоа е правило број еден на почеток. Без разлика колку скапа опрема имаш, кога незнаеш да ја употребуваш, џабе е. Кога се фотографира треба да извадиш високи 80-90 проценти од успешна фотографија од самиот апарат, а останатите 10-15 проценти да бидаат со помош на програма за обработка на фотографија.
Кои се твоите желби и афинитети во иднина, дали сакаш професионално да се занимаваш со фотографирање и во иднина?
Па во иднина би сакал да продолжам со фотографирањето и цело време да достигнувам се поголеми успеси. Имам различни желби и планови за во иднина, но сеуште не сакам да ги споделувам.
Што досега имаш сработено како свој проект, дали си се претставил пред публика со своја изложба на фотографии?
Во иднина се стремам да направам една успешна уметничка изложба и со тоа да се претставам пред публика. Исто така имам работено различни проекти, еден од нив ќе биди излезен во текот на следната недела, не сакам сеуште да ви откривам за што станува збор.
Сметаш ли дека човек може да живее од фотографирање, доколку народски кажано го “бидува” и е талент или е потребно и нешто друго?
Па доколку е талентиран и го бидува се разбира дека може да живее од тоа.
За крај кажи ни дали во нашиот град има повеќе талентирани деца за добра фотографија, односно каква е конкуренцијата во нашиот град и дали постои добар натпреварувачки дух?
Во нашиот град моментално има конкуренција и има добар натпреварувачки дух. Има навистина добри и млади фотографи, кои исто така се членови на ФКК – Прилеп, па конкуренцијата ја има цело време.
А.Г.