“Осмомартовска прослава за пониските пензии и 60% повисоки сметки за вода!?”

Во пресрет на Денот на жената 8.Март, жените пензионерки од урбаните заедници „Тризла 1“ и „Тризла 2“ денеска ја одржаа својата традиционална забава. Во име на локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски, на присутните празникот им го честиташе Елена Ташкоска, член на Советот на општина Прилеп – информираат на веб страната на општина Прилеп.

Таа рече дека борбата за остварување на правата на жената е процес кој трае и дека таа борба никогаш не треба да престане. Во тој контекст, потенцираше Ташкоска, жените од општина Прилеп секогаш ќе ја имаат поддршката и од градоначалникот Јованоски, и од општинскиот Совет.

На осмомартовската забава присуствуваше и претседателот на Здружението на пензионери на Прилеп, Славе Трајкоски. Трајкоски истакна дека со неговиот избор за прв човек на прилепските пензионери, учеството на жените во органите и телата на Здружението е значително зголемен и дека очекува тој тренд во иднина да биде запазен.

Забавата по повод Денот на жената, беше збогатена со учество на КУД „Моминок“ од Прилеп.

Забавата на прилепските пензионери ќе им биде “солена”, кога од наредниот месец ќе стигнат повисоките сметки за вода, кои одсега ќе треба да ги плаќаат со пониски пензии.

Како што веќе пренесоа сите медиуми, цената на сметките за вода во Прилеп ќе порасне за 60%, а новите сметки прилепчани ќе ги добијат веќе овој месец. Причината за тоа е зголемувањето на сметките за вода преку додавката за финансирање на пречистителната станица.

За оваа намена прилепчани ќе плаќаат по 17 денари за секој метар кубен потрошен вода.

Од друга страна со измените на Законот за пензии се предвидува усогласување на пензиите само доколку постои раст на трошоците за живот, а не како досега, кога усогласувањето се вршеше не само кога постои пораст на трошоците за живот туку и според растот на платите во државава.

Имајќи во предвид дека Македонија е земја каде сите политики се насочени кон најниска инфлација, односно што помало зголемување на трошоците за жиивот, а резултатите од минатата година покажуваат дека истите се зголемиле само за 1,5% пензионерите речиси нема да добијат некое покачување на своите месечни примања.

Од друга страна имајќи го во предвид движењето на нето платите за миинатото полугодие, со ова законско решение пензионерите ќе бидат оштетени за околу 500 денари месечно.

Во ситуација кога повеќе од половина од пензионерите во земјава имаат потпросечни примања, односно добиваат помалку од 14.421 денар, ова ќе биде удар врз пензионерите кои се најранливи, односно оние со најмали пензии.

Вака предвидените измени на Законот, секако нема да ги одминат и прилепските пензионери, кои се повеќе од 12.000 на број и важат за едно од поголемите пензионерски здруженија во државава.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.