Со огномет и топли пијалоци, прилепчани ја пречекаа Новата 2017 година на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде настапија музичарите Белинда и Шило и грчкото диџејско трио „Д мод“.
Со желби на здравје, среќа и бериќет, на полноќ Новата 2017 година на прилепчани им ја честиташе градоначалникот Марјан Ристески.
– Нека Новата 2017 година ви донесе здравје, среќа и успех на приватен и деловен план. Да имаме стабилна политичка клима и развој на Прилеп со многу инвестиции и вработувања, порача Ристески.
Од Службата за итна медицинска помош информираат дека имале интервенции во новогодишната ноќ.
Првото бебе во Новата година во Прилеп е женско. Се родило во 5.20 часот на гинеколошкото одделение во градската болница „Борка Талески“. Тоа е трето дете на прилепчанката Наташа Велјаноска. Од локалната самоуправа на Прилеп првото бебе ќе добие пригодни подароци.