Обезбедени се бесплатните униформи за сите 5460 ученици од Кисела Вода – напиша на ФБ градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
ФБ статусот во целост го пренесуваме во продолжение:
-Денес, на првиот ден од второто полугодие започнавме да ги доставуваме бесплатните униформи до сите наши ученици, во сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода.
Оваа мерка е уште еден од чекорите за обезбедување еднакви можности за сите деца и овозможување на позитивен детски развој.
Униформите ќе создадат рамнотежа и единство меѓу учениците, независно од финансиските можности на нивните родители. Овозможувајќи бесплатни униформи за сите, го намалуваме ризикот од дискриминација и креираме рамка каде сите ученици се почитуваат и прифаќаат.
Се одлучивме секое училиште да има различна боја на униформа, со што креираме заеднички идентитет за учениците и го поттикнуваме чувството на припадност кон сопственото училиште.
На овој начин ги подигнуваме и безбедносните стандарди во училиштата.
Препознатливоста на униформата го прави веднаш воочливо присуството на лица кои не се дел од тоа училиште, со што се прави превенција од несакани ризици.
Покрај бесплатните униформи за сите ученици и оваа учебна година обезбедивме ранче за секое прваче, а бројни се и проектите за финансиска поддршка на учениците од социјален ризик-бесплатни ужинки, курсеви и спорт, како и бесплатно летување.
Образованието претставува столб на нашето општество и ние како локална самоуправа ќе продолжиме со инвестиции во образовните институции што дополнително ќе ги зголемат можностите и перспективите за нашите ученици!
Влогот во најмладите е влог во иднината!