Во изминатиов период локалната самоуправа од Прилеп за подобрување на квалитетот на животот во населеното место Големо Коњари инвестираше во повеќе сфери од општественото живеење. Бенефитите од реализацијата на овие проекти за жителите се огромни затоа што најголемиот дел од нив се реализираат за прв пат од историјата на постоењето на Големо Коњари.
„Училиштето „Страшо Пинџур“ во Големо Коњари беше во руинирана состојба и не беше реконструирано уште од 1926 година откако тоа било направено. Меѓутоа со реализација на повеќе проекти на локалната самоуправа и Министерството за образование ова училиште прерасна во едно од најубавите училишта во населените места и во него беа вложени околу 6 милиони денари. Дел од училиштето сега го претворивме и во градинка за потребите на децата од предшколска возраст. Моментално во тек се два тендери за препокривање на училиштето и реконструкција на фасадата со што ќе заврши еден голем процес во ова училиште“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Освен во образованието во Големо Коњари се инвестираше уште во голем број на други проекти кои го подобрија квалитетот на животот на населението.
„Инвестиравме во изградба на нов преубав парк, асфалтирани и тампонирани се повеќе километри на улици, поставено е ново осветлување, изградена е нова канализациона мрежа со пречистителна станица, легализирани се голем број од куќите, што значи полека ова населено место се урбанизира и добива квалитетни услови за живот“, додаде Ристески.
За наредниот период било предвидено Големо Коњари да добие детско игралиште кое би се изградило во училишниот двор, комплетно ќе се реконструирал стадионот за фудбал, како и доасфалтирање на преостанатите улици.
Од локалната самоуправа на Прилеп велат дека и понатаму интензивно ќе продолжат со инвестиции во руралните населени места се со цел да се подобри квалитетот на животот таму и да се спречи миграцијата.