Во текот на изминатата недела, Основното музичко училиште беше домаќин и организатор на музичка работилница под наслов “Ајде да креираме музика заедно” на која присуствуваа дел од професорите на училиштето, како и гости професори од Основното музичко училиште Источно ново Сараево – Република Босна и Херцеговина и средното музичко училиште Даворин Јенко од Република Србија.
На Работилницата беа претставени претходно разработени истражувања и методи кои се однесуваат на неформалното музичко образование, како и дел од нашата традиционална музика и фолклор. Оваа работилница даде голем придонес во севкупниот развој на музичкото образование, промоција на македонскиот фолклор, промоција на нашиот град како и размена на искуства и идеи помеѓу трите училишта.
Музичкото училиште оваа година за прв пат во неговата историја беше добитник на грант од 13.750 евра од Wester Balkans Fund за спроведување на овој проект, а после десет години за втор пат е домаќин на колеги надвор од Република Македонија.
Со одржувањето на оваа работилница училиштето и професорите остваруваат несомнено голем чекор во развојот и работата на училиштето на интернационално ниво, а во следните месеци професорите ќе бидат гости и ќе ги презентираат нивните музички истражувања во училиштата во Белград и во Сараево.
На самиот крај од работилницата беше одржан мал концерт пред колегите од другите училишта на кој настапија ученици од музичкото училиште, а на кој учениците беа наградени со громогласен аплауз и овации.