ОО СДСМ Прилеп: “Борко Ристовски се врати на местото на „злосторот“ во Прилеп”

Министерот за спорт, Борко Ристовски, вчера во Прилеп најави обновување на игралиштата во паркот во неселбата “Точила”. Активностите според најавата треба да започнат деновиве.

По посетата на Ристовски реакција пристигна од ОО СДСМ Прилеп, од каде велат дека: “Борко Ристовски се врати на местото на „злосторот“ во Прилеп”.

Реакцијата од ОО СДСМ ја пренесуваме во целост во продолжение:

-Без и малку срам, министерот Борко Ристовски денеска се врати на местото на “злосторот“. Пред точно 15 месеци, истиот тој Борко бесрамно ги излажа прилепчани дека Универзална сала ќе биде ставена во функција во септември. Помина ланскиот септември, помина и годинешниот септември, вратите на Универзална се закатанчени поцврсто од било кога! И наместо да побара објаснување зошто салата сеуште е надвор од употреба, покажувајќи сервилност и отсуство на елементарна самопочит, кандидатот на ДПМНЕ за градоначалник на Прилеп, Дејан Проданоски го премолчи и го погази интересот на прилепските спортисти и спортски клубови. Дополнително, за понижувањето да биде уште поголемо, Проданоски му дозволи на Борко Ристовски да се „потури со пепел“ и по принципот пу-пу не важи да кажи ново ветување: сега ќе ги реновирал игралиштата и детските реквизити во Точила! Од реконструкција на Универзална, министерот падна на замена на старите нишалки со нови! Срамен, недостоен и понижувачки однос на Ристовски, Проданоски и ДПМНЕ кон Прилеп и прилепчани! Ако Прилеп е тргнат од списокот на општини во кои Министерството за спорт финансиски би го помогнало решавањето на сериозни проблеми, тоа не е случај со општините раководени од ударните тупаници на ВЛЕН – Тетово и Чаир. Како што кажуваат и фотографиите, дружбата на Борко Ристовски со Билал Касами и Висар Ганиу, е на многу повисоко ниво, во секоја смисла! Господа од ДПМНЕ, господине Проданоски, Борко Ристовски повторно ве пренесе жедни преку вода! И вас, а за жал, и прилепчани, стои во писмената реакција на ОО на СДСМ Прилеп!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.