Одлична идеја! Прилепските гимназијалци си направија училишно кино – секоја среда ќе гледаат македонски филмови

Културниот сектор на Ученичкиот парламент при СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп организира „МЕСЕЦ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ“. Имено, во месец декември, секоја среда, кабинетот по Физика ќе биде преуредуван во училишна кино сала во која ќе има проекција на некој македонски филм.

Капацитетот на училишната „кино сала“ е 70 посетители. Целта на ваквата активност е учениците да се запознаат со некои од македонските филмови, да им се вроди љубов кон нив и воопшто кон филмската уметност, да го почувствуваат кино амбиентот, макар и во импровизирани услови, да се дружат, да се забавуваат и да се подигне културната свест кај учениците.

Оваа иницијатива произлезе од учениците Евгенија Димитриовска, Софија Димитриеска, Горјан Ристески и Елена Јандреовски, кои воедно се и реализатори на проекциите.

Оваа среда, 06.12, во 20 часот, се прикажуваше филмот „Викенд на мртовци“. Импровизираната кино сала беше исполнета до последното место.
По завршувањето на проекцијата учениците имаа позитивни коментари за настанот.

Проекцијата се реализира со техничка поддршка на проф.Николче Богданоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.