Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес информираше дека, Општина Битола во соработка со Фондацијата ,,Отворено општество” – Македонија, успешно ја заврши имплементацијата на проектот ,,Сончеви училишта”, со кој инсталирани се фотоволтаични соларни централи на училиштата: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ с. Кукуречани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од с. Бистрица. Проектот има бенефит и за животната средина, а ќе придонесе и за заштеда на финансиски средства:
„Согласно договорената динамика, проектот е веќе реализиран, со што наскоро училиштата ќе можат да ги почувствуваат бенефитите од нивното поставување.
Електричната енергија што ќе ја произведуваат овие централи ќе даде бенефит и за училиштата и за општината, а вкупната потрошувачка на струјата и резултатите ќе бидат крајно видливи преку сметките за електрична енергија. Она што училиштата во соодветната година ќе го заштедат, повторно ќе може да се искористи за реализација на проекти за нивните соодветни потреби.
Финансиската конструкција целосно е обезбедена од страна на Фондацијата „Отворено општество” – Македонија, на кои што уште еднаш јавно им се заблагодарувам, што ја поддржаа нашата општина за подобрување на енергетската ефикасност на основните училишта со инсталирање на соларни фотоволтаични системи.
И преку овој проект уште еднаш ја докажавме нашата заложба како локална самоуправа, да делуваме во насока на заштита на животната средина и подобрување на условите во училиштата, бидејќи постигнуваме двоен ефект. Го намалуваме влијанието од енергија од фосилни горива со чиста и обновлива енергија, а истовремено имаме заштеди кај сметките за електрична енергија, кои ќе се реинвестираат во подобрување на условите во училиштата.
Би истакнал и уште една важна компонента, која доаѓа заедно со проектот. Во секое училиште се поставени тв монитори, на кои што сите ученици, наставници, вработени во училиштата, но и родителите, ќе можат да го следат производството на енергегија во моментот. Едукацијата и вклученоста на учениците и вработените, овозможува зголемување на знаењето за производство и користење на енергијата од обновливи извори. Така, за времена образовниот процес, учениците ќе можат да се стекнат со знаења, вештини но и сопствени мислења, за заштита на животната средина и иднината на зелената економија“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на денешната прес конференција.