Со драмско – музички настан на учениците од средното економско училиште „Кузман Јосифоски – Питу“ од Прилеп, кој се случи во киното Мис Стон, денеска се одбележа патрониот празник на ова училиште. Претходно биле одржани и други пригодни манифестации.
„По повод одбележувањето на 73 годишнината од загинувањето на Народниот Херој, Кузман Јосифоски – Питу и 59 годишнината од постоењето на економско-правно-трговското училиште во Прилеп организиравме повеќе настани за да го одбележиме патрониот празник на нашето училиште. Во текот на овие неколку денови организиравме ликовни натпревари, спортски натпревари, поетско читање, манифестација од драмско – музички карактер, а во текот на утрешниот ден ќе се положува цвеќе на бистите на нашиот патрон како и посета на паркот на Револуцијата“, кажа Весна Дворчанец, помошник директор на СОУ Кузман Јосифоски – Питу.
На одбележувањето на настанот присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој истакна дека сегашните генерации треба да ги продолжат и почитуваат делата и идеалите на оние кои загинале за Македонија.
„Ние ги продолжуваме идеалите и делата на сите овие наши предци за да го зачуваме суверенитетот и интегритетот на нашата држава, исто така и ги надградуваме тие дела. Најмногу тоа надградување го правиме со инвестиции во образованието, бидејќи инвестирајќи во младите луѓе ние инвестираме во сегашноста и нашата иднина. Истото се случи и во ова средно училиште кое доживеа вистинска ренесанса во овие неколку години со комплетна негова реконструкција, вредна повеќе стотици илјади евра и сега ова училиште е едно од најубавите на територијата на Македонија. Нема да престанеме тука, нареден проект во ова училиште ќе биде реконструкција на санитарните јазли,реконструкција на старото училиште кое се наоѓа веднаш до новото училиште, со што би се зголемил капацитетот во однос на училници и простор и ќе се направи мало хортикултурно досредување на дворното место“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Утре чествувањето по повод одбележувањето на 73 годишнината од загинувањето на Народниот Херој, Кузман Јосифоски – Питу ќе продолжи со полагање на свежо цвеќе пред неговите бисти, едната која се наоѓа во самото училиште и другата која е поставена вo центарот на градот пред Участакот. Исто така ќе се посети и Могилата.