Иницијативниот одбор на манастирот Св. Илија Писокал кај село Кален – прилепско, се обрати до општинските власти поради неисполнетото ветување пред изборите.
Соопштението во целост го пренесуваме во продолжение:
“Пред избори едно, после избори друго!
Почитувани,
Моментално се врши асфалтирање на дел од патот од Прилеп кон село Витолиште. Пред одржувањето на изборите, од општина Прилеп и Јавното претпријатие Македонија пат ветија дека додека траат активностите ќе го асфалтираат и патот до манастирските порти, кој е во должина од само 200- 250 метри.
Сега после изборите ни велат дека тоа не било возможно. Срамно и жално за сите верници кои секојдневно го посетуваат манастирот Св. Илија Писокал.
Срамно и жално и за нас и за нашата работа како иницијативен одбор, кои во изминатите години постојано работиме на обновување на ова светилиште, со цел да направиме нешто што ќе биде од општа корист за сите.
Сакаме уште еднаш јавно да упатиме апел до општинските власти да си го исполнат предизборното ветување, затоа што овој манастир заслужува да има асфалтиран пат, заслужуваат верниците и заслужува нашата работа и труд”.