Пекарите од утре ќе почнат да испорачуваат леб во маркетите, но ќе ја тужат државата, истакна Горан Малишиќ од Групацијата на пекарско-мелничарската индустрија.
-Пекарите се согласија со претходната одлука, од утре да се започне со производство и испорака на одредени видови на леб зависно од можностите на секоја пекара за да може да се излезе пред сѐ во пресрет на потрошувачите, но и да се опстане во периодот на погрешни одлуки кои ги донесува владата со несогледливи последици за македонската прехранбена индустрија, рече Малишиќ.
Индустријата ќе почне правна постапка со цел, како што рече Малишиќ, да си ја наплати штетата.
-Штетата до 31 мај до кога е навестено дека ќе трае одлуката за замрзнување на цените на лебот, на белиот и полубелиот леб изнесува над 4,5 милиони евра. Битката за заштита на индустријата ќе продолжи на правна основа, рече Малишиќ.
Вели дека владините одлуки се на штета на пекарската индустрија и поради наметнатите загуби да го намали бројот на вработени.