Од Прилеп до светска бизнис школа: Прилепчанец предаваше на еден од водечките универзитети во Велика Британија

Успехот на младите луѓе од Македонија сè почесто се препознава и на глобалната сцена. Таков е и примерот на прилепчанецот Петар Кироваков, кој минатата недела имаше исклучителна чест да биде еден од главните говорници на престижната Warwick Business School, дел од University of Warwick, еден од водечките универзитети во Велика Британија.

Кироваков одржа предавање пред студенти на тема маркетинг, претприемништво и современи бизнис стратегии, при што сподели практични искуства од својата професионална кариера, вклучително и работата со глобалниот бренд Porsche.

Настанот претставуваше не само професионално признание за неговата работа, туку и инспиративен пример како знаењето, трудот и амбицијата можат да отворат врати и на најпрестижните академски институции во светот.

Во разговор за нашата редакција, Кироваков зборува за тоа како дошло до поканата, што споделил со студентите и каква порака има за младите луѓе од Македонија кои сакаат да изградат меѓународна кариера.

Како дојде до поканата да одржиш предавање на Warwick Business School?

-Пред сѐ поканата претставуваше навистина исклучителна чест и еден од оние моменти кои човек ги памети долго. Поканата всушност пристигна уште минатата година и морам да признаам дека во првиот момент дури помислив дека можеби станува збор за некаква грешка или недоразбирање. Изгледаше речиси предобро за да биде вистина.

Можноста да се говори на водечки светски универзитет отсекогаш била една од моите лични амбиции. Сепак, самата покана од Warwick Business School не значеше веднаш и конечна потврда. Таа беше почеток на сериозен и внимателно структуриран процес.

Следуваа неколку интервјуа и разговори со академскиот тим, со цел да се утврди дали моето професионално искуство и претприемачки пат навистина можат да понудат вредност за студентите. Факултетот сакаше да се увери дека мојата приказна – од надминување на лични и професионални предизвици, преку работа во глобалниот бренд екосистем, до градење сопствени бизнис иницијативи – може да понуди реални и практични лекции за младите луѓе кои се подготвуваат да влезат во светот на бизнисот.

Искрено уживав во тој процес. Тој не беше само професионален, туку и длабоко рефлективен. Ми даде можност повторно да се навратам на сопствениот пат како претприемач, да размислам за одлуките, ризиците и лекциите научени по патот и да ги претворам тие искуства во пораки кои можат да им бидат корисни на студентите.

За кои теми разговаравте со студентите и како твоето искуство во Porsche помогна да ги илустрирате тие примери?

-Главните теми за кои разговаравме со студентите беа маркетингот, претприемништвото и растечката улога на вештачката интелигенција во современиот бизнис.

Во разговорот често го користев моето практично искуство од работата со Porsche како пример за тоа како големите брендови градат стратегија, вредност и долгорочни партнерства на глобалниот пазар.

Наместо класично академско предавање, се обидов разговорот да го направам повеќе како приказна – за реални ситуации од бизнисот, за одлуки што морале да се донесат брзо, за креативни маркетинг стратегии и за тоа како новите технологии, особено вештачката интелигенција, почнуваат да играат сѐ поголема улога во современиот маркетинг.

Каква беше реакцијата на студентите и што најмногу ги интересираше?

-Интересно беше што студентите на Warwick Business School покажаа голема љубопитност не само за бизнис стратегиите, туку и за мојата лична приказна.

Голем дел од нив доаѓаат од различни делови на светот, па разговорот природно се насочи кон моето патување како некој што доаѓа од Северна Македонија, продолжува со студии во САД, а денес работи и гради бизнис во Лондон.

Токму тој дел од приказната мислам беше најинспиративен за нив. Сакав да им покажам дека патот не мора секогаш да биде линеарен и дека местото каде што сте родени не мора да го дефинира вашиот потенцијал.

По самата презентација останав уште подолго со студентите, разговаравме и одговарав на нивните прашања. Многумина сакаа да слушнат повеќе за тоа што навистина е потребно за да се стигне таму каде што сум денес, кои биле најголемите предизвици, како се граделе контактите и како се создавале можностите.

Што значи за тебе, како професионалец со македонско потекло, да предаваш на ваков престижен универзитет?

-Институции како Harvard University отсекогаш за мене претставувале врв на академскиот свет – место каде што искуството, визијата и личната приказна можат да се претворат во инспирација за идните генерации.

Во Обединетото Кралство, Warwick Business School има слична тежина и престиж. Токму затоа оваа покана носеше посебна вредност и значење.

За мене оваа можност никогаш не беше само формално предавање пред студенти, туку продолжение на една подлабока мисија – да покажам дека со визија, храброст и упорност дури и најамбициозните цели можат да се претворат во реалност.

Доаѓам од релативно мала земја и токму затоа ваквите моменти имаат уште поголемо значење. Тие се потсетник дека потеклото не мора да ги дефинира границите на човековите можности.

Кој совет би им го дал на младите луѓе од Македонија кои сакаат меѓународна кариера во бизнис и маркетинг?

-Мојот совет кон младите луѓе е пред сѐ да веруваат во сопствените соништа и да останат верни на нив, без разлика колку далечни или тешко достижни може да изгледаат на почетокот.

Кога пред околу седум години донесов одлука да се преселам во Лондон, многу работи беа неизвесни. Но токму во тие моменти се создаваат најважните пресврти во животот.

Патот кон меѓународна кариера ретко е едноставен. Тој бара храброст, трпение и подготвеност да се излезе од сопствената зона на комфор.

Затоа мојот најискрен совет е секогаш да го направите тој прв чекор. Без разлика колку предизвикувачки може да изгледа. Со самиот чин на тој чекор веќе не стоите на истото место – веќе сте еден чекор поблиску до целта.

Петар ти благодариме за инспиративниот разговор и ти посакуваме огромни успеси во иднина, како на приватен, така и на професионален план!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.