Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп од 17 до 23 јули ќе се одржи 15. издание на меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“, на која ќе учествуваат 19 уметници од земјава и од странство.
И годинава уметниците ќе работат на слободна тема, во повеќе дисциплини – скулптура, инсталација, сликарство, користејќи различни материјали, дрво, метал, прилепски мермер, односно природни материјали за уметниците кои ќе изработуваат инсталација, како и акрил на платно.
– Очекуваме годинава да се создадат 40-ина нови уметнички дела, кои ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Колонијата започна како сликарска, а од 2021 година меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен“ почнува со работа во скулпторски медиуми (метал, дрво, мермер…) со што се додава дополнителен квалитет на колонијата и се става акцент на работата во различни медиуми. Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот, а претставување ќе има и во повеќе градови низ Македонија – посочува Марјан Стојаноски од ликовната дејност на Центарот.
Колонијата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура.