Во вторник, на 27 мај 2025 година, со почеток во 19:30 часот, на цветниот плоштад пред храмот „Св. Петка“ во Прилеп, ќе се одржи хуманитарен концерт посветен на македонската народна уметност и духовна хуманост.
На концертот ќе настапат ученици од Оркестарот на народни инструменти при ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип, кои ќе ја донесат радоста и убавината на македонските песни и ора пред прилепската публика.
Овој оркестар, составен од млади и талентирани ученици, со огромна љубов ја негува и ја пренесува богатата традиција на народната музика – како во земјата, така и на меѓународни сцени. Во нивната програма ќе бидат вклучени инструментални и вокално-инструментални бисери од македонската музичка ризница.
Храмот „Св. Петка“ продолжува со организирање на настани кои ја спојуваат духовната и културната димензија, посебно негувајќи ја народната и етно музиката како жив сведок на идентитетот, коренот и душата на нашиот народ.
Со зачувувањето и пренесувањето на овие вредности, го чуваме споменот на претците, ја хранеме душата на сегашноста и го градиме духот на иднината.
Концертот има хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за доизградба на храмот. Со своето присуство и поддршка, секој од нас станува камен-поддржувач во ѕидовите на верата, традицијата и заедништвото.
Ве покануваме да присуствувате, да уживаме заедно во музиката која зборува на јазикот на нашите дедовци и да дадеме поддршка на младите кои ја носат традицијата во срцето.