ИПАРД 2 програмата денеска беше презентирана пред прилепските земјоделци од страна на претставници на Министерството за земјоделство во соработка со Агенцијата за поддршка на руралниот развој, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Општина Прилеп и Центарот за развој на пелагонискиот – плански регион денеска во Прилеп.
ИПАРД 2 програмата во однос на ИПАРД 1 има одредени измени, особено во делот на растителното производство каде што е внесено и поледелството како можност за инвестиции.
„Такашто сега се надеваме дека во овој ИПАРД 2 ќе имаме многу повеќе барања отколку во претходниот ИПАРД затоа што во минатото беа лимитирани поледелските култури. Исто така живинарските фарми со конзумно јајце небеа внесени во минатиот ИПАРД, сега и тие се внесени. Во овој програмски период од 2014 до 2020 година очекуваме искористеноста на средствата да биде многу поголема. Сега поголем е бројот на земјоделски култури со кои може да се конкурира, особено за нашиот регион, Прилеп, Кривогаштани и Долнени, каде житните култури ги има во големи површини и каде скоро секое семејство има засадено вакви површини. Минималниот праг за ова е 10 декари, а скоро секоја фамилија тука има по 10 декари земја. И сточарите не се запоставени и тие се земени во предвид, како и градинарските култури. За овој оглас имаме на располагање за целиот програмски период вкупно 60-тина милиони евра кои се распоредени со мерки, такашто 20% од вкупните пари можат да бидат наменети за трактори, што е една добра новина. Затоа што и во минатиот период најголемиот број на барања беа за тракторите“, истакна Горан Томески, раководител на АПРЗ – Прилеп.
„Оваа средба претставува информативеннастан за земјоделците за најновата ИПАРД програма. Знаеме дека првиот период од ИПАРД-от 2007 – 2013 година заврши. Денес се презентираа трите мерки кои ќе бидат објавени во првиот повик. Се надевам дека земјоделците ги добија сите потребни информации како да аплицираат за оваа програма. Доколку им се потребни дополнителни информации ние секогаш им стоиме на располагање“, рече Владимир Величкоски, раководител на одделение за поддршна на бизнис секторот во Центарот за развој на пелагонискиот плански регион.
Салата на Општина Прилеп, каде се одржуваше оваа информативна средба беше претесна да ги собере земјоделците кои дојдоа тука од целиот регион. Некои од нив веќе имале искористено средства од оваа програма и ги споделија своите позитивни искуства.
„Во нашиот случај стануваше збор за набавување на нова опрема за фабриката за преработка на овошје и зеленчук. Ние два пати ги користиме овие средства. Процедурата за добивање не е толку едноставна, има правила, но доколку се придржуваш кон нив ништо не е сложено. Значи нашите машини сите беа од други држави, бидејќи не се произведуваат кај нас, целата таа потребна документација требаше да се среди, да се преведи, но доколку се јавеше некаков проблем од самата Агенција не известуваше со рок за корекција. Значи се се решава доколку се оди според програмата која се нуди. Планираме сега повторно да аплицираме и за ИПАРД 2 програмата и повторно тие средства би ги искористиле за набавување на машини и осовременување на производството. 50% од сумата на инвестицијата ви се враќа назад со ИПАРД програмата“, истакна Игор Гулабоски, „Бим Фуд“, фабрика за преработка на овошје и зеленчук.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој истакна дека ИПАРД програмата многу ќе помогне за развој на земјоделството, како во прилепскиот регион, така и во цела Македонија.
„Овие средства обезбедени од ИПАРД програмата многу ќе помогнат во различните програми кои се дозволени за развој на земјоделството. Преполната сала тука во Општина Прилеп кажува за тоа колкав е интересот на земјоделците за овие европски фондови. Се надевам дека овој информативен состанок ќе обезбеди уште поголем интерес и што е можно повеќе апликации и користење на овие средства, а со тоа ќе се обезбедат и поголеми приноси и развој на земјоделството“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Во пелагонискиот регион биле планирани три вакви информативни средби. Се започнувало од Прилеп, а потоа презентации ќе биле направени и во општините Могила и Битола.