Отворањето на градинките во населените места во општина Прилеп предизвика огромна заинтересираност кај родителите тие да ги запишат таму своите деца. Со овие инвестиции локалната самоуправа овозможи овие дечиња сега да ги имаат истите услови за образование како и нивните врсници во градот.
„Многу сме задоволни што во Беровци за прв пат се отвори детска градинка, имаше голема потреба во нашето село за отворање на една ваква установа бидејќи има доста млади деца и се надеваме дека до година ќе има уште повеќе дечиња кои ќе ја посетуваат градинката. Родителите сега имаат повеќе слободно време, а децата пак повеќе се едуцираат“, рече Илија Милошески, жител на с. Беровци.
„Градинката е одлична, се е добро, јас како родител откако се отвори градинката имам повеќе време да ги завршам домашните работи, а исто така децата се многу поедуцирани и повоспитани, учат песнички, цртаат, бојат, пишуваат“, кажа Славица Милошеска, жител на с. Беровци.
Од локалната самоуправа на Прилеп велат дека потребата од формирање на градинки во населените места се покажала како доста добар проект.
„Овие градинки одлично функционираат и од година во година се поголем е бројот на деца кои ги посетуваат. Ние ги посетивме градинките во населените места за да им дадеме новогодишни пакетчиња на најмладите, но и да ги прашаме родителите дали се задоволни од услугите кои се нудат тука се со цел да се подобри едукацијата на децата. Секоја нивна сугестија која ја имаат ние во иднина ќе ја прифатиме и ќе ја реализираме. Ги повикувам сите родители што е можно повеќе да ги користат услугите на овие установи. Направивме полн погодок со отворањето на овие градинки. Во последните неколку години во општина Прилел се отворија градинки во Беровци, Тополчани и Канатларци, а после Нова година планирано е да се отвори градинка и во населеното место Големо коњари. За нас како локална самоуправа најважно е што презадоволни од овие инвестиции се како децата така и нивните родители“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Во општина Прилеп само во последните три години отворени се градинки во руралните места Канатларци, Беровци и Тополчани. Во зависност од периодот во текот на годината нив ги посетуваат околу 60 деца.
„Многу сме задоволни од отворањето на градинката во нашето населено место Тополчани, децата тука си играат, учат, се дружат, а ние како родители пак имаме повеќе слободно време да завршиме многу работи“, вели Елена Степаноска, жител на н.м. Тополчани.
„Децата повеќе ќе научат тука отколку да седат дома. Се образувааат, се дружат и многу е убаво тука“, додава сожителката на Степаноска, Марина Пројческа.
Во Прилеп капацитетот на сите градинки е околу 1.160 деца, од кои 5 се наоѓаат во градот, три во населените места Канатларци, Беровци, Тополчани и една подружница во општина Кривогаштани.
„Капацитетот на секоја од градинките кои се отворени во трите рурални средини во општина Прилеп е 20 до 25 деца. Бројката варира бидејќи станува збор за население кое се занимаваат со земјоделство и во зависност од периодот така и ги праќаат децата во градинка. Ние се трудиме максимално да го исполниме тој капацитет поради подобра социјализација на децата, подоброто воспитување и образование на децата од предучилишна возраст. Децата во руралните средини сега го добиваат истото знаење како и децата во градот. Постојано работиме на зголемување на капацитетот на градинките во нашата општина“, истакна Христина Трпческа, директор на градинката „Наша иднина“ – Прилеп.
Презадоволни од условите за работа и учење во градинката се и родителите во населеното место Канатларци.
„Задоволни сме многу од градинката, многу сакавме да се отвори оваа установа тука, децата се учат на дисциплина, повеќе се образуваат отколку кога би седеле дома“, кажа Сабрие Реџепоска, жител на н.м. Канатларци.
„Задоволна сум од градинката, моето дете се дружи со другарчињата, учи голем број на новости, јас пак имам повеќе слободно време да им посветам на моите други деца, а и таа тука се учи да биде посамостојна“, потенцираше Кристина Гаческа, жител на н.м. Канатларци.
„Децата тука порано се запознаваат со активностите кои ги очекуваат во училиштето и мислам дека со градинката подобро ќе се запознаат со сите образовни процеси кои ги очекуваат во иднина“, рече Мидик Еленкоски, жител на н.м. Канатларци
Освен во населените места општина Прилеп работи на зголемување на капацитетот на градинките и во градот. Во тек е подготовка на проектот со кој на првиот кат од ОУ „Рампо Левката“ во Прилеп ќе се отвори градинка која ќе ги задоволи потребите на околните населби како Чачорица, Тапани, Корзо и други.