Прилепската кошаркарска екипа Мега Баскет со триумф ја стартуваше сезоната во Втората лига. Во спортската сала во ООУ “Добре Јованоски” синоќа прилепчани триумфираа со 86:80 над Црн Дрим од Струга.
Екипите од Прилеп и од Струга одиграа доста интересен, возбудлив, и во најголем дел изедначен натпревар, во кој на крајот победата ја однесе домашната екипа. Како пресуден се покажа оној средишен дел од натпреварот, особено вторите 10.минути во кои прилепчани парцијално направија (24-15), и на полувреме заминаа со двоцифрена предност (46:36), која се покажа како доволна за првата победа во новата сезона.
Четата на тренерот Благоја Печалов одигра крајно колективно, особено во фазата на нападот. Во преден поентерски план излегоа Враниќ, стрелец на 21.поен, Јовановски, кој уфрли 17, Митков кој даде 15. А двоцифрен број на поени во победничкиот тим имаа и Радически 12, односно Балоски кој додаде 10.
Сличен пристап имаа и стружани, во оној офанзивен дел, пред се, во кој Камиловски дојде до 21.поен, следен од Костоски кој уфрли 14, Узуноски имаше 12, додека Шабани и Бојоски имаа по 10.