Овој викенд по 5-ти пат во Прилеп ќе се одржи планинскиот маратон Krali Marko Trails

123

На 26 и 27 септември, односно во сабота и недела, со почеток во 8 часот по 5-ти пат ќе се одржи меѓународниот планинскиот маратон „По стапките на Крали Марко“ – Krali Marko Trails. Оваа година има предвидено 3 патеки, со должини од 65 км., 31 км. и 16 км. Двете подолги трки, оние од 65 км. и 31 км. ќе се одржат во сабота. Поаѓањето е од амфитеатарот во населбата Варош од каде се тргнува за Трескавец, потоа се оди кон село Дабница, Прилепското езеро, потоа натпреварувачите се упатуваат кон селото Плетвар од каде се искачуваат на врвот Козјак. Потоа учесниците слегуваат кон село Крстец, манастирот Св. Ѓорѓија, и потоа повторно се оди на Трескавец од каде се слегува во Прилеп. Ова се точките кои треба да се поминат доколку учествувате на најдолгата патека од 65 км.

1234

„Пријавени се за учество 170 луѓе, од 7 различни држави : Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Турција, САД и Британија. Ги покануваме сите заинтересирани да дојдат и овој викенд да се приклучат на настанот. Инаку ова е најдолгиот ваков планински маратон во Македонија. Оваа трка е влезена во светските листи на планински трки, и секој кој ќе ја заврши добива 2 поени. За да учествуваш на било која друга ваква планинска светска трка треба да имаш собрано поени“, истакна Трајче Панковски, директор на планинскиот маратон Krali Marko Trails.

12345

На двете големи трки може да учествуваат сите со возраст од 16 години па нагоре. За оние од 16 до 18 години потребна е согласност и на родителите, а за помалата трка која ќе биде во неделата, чија должина изнесува 16 км. може да учествува секој со возраст од 12 години па нагоре. Најмалиот учесник оваа година кој е пријавен има 13 години.

123456

„Покрај ултра маратонот Прилеп има неколку екстремни спортови кои ги негува во последните неколку години. Секоја година имаме се повеќе учесници од странство, а тоа придонесува за развојот на тој т.н. алтернативен или спортски туризам. Покрај ултра планинскиот маратон имаме и болдеринг, светски куп во параглајдинг и секако мото крос трката која не очекува кон крајот на овој месец“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Победниците на овие трки ќе добијат медаљи, плакета и спортска опрема.

1234567




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.