Оваа голема европска земја воведе полициcки час: Во главниот град има по 400 нови случаи дневно

Поради загрижувачкото зголемување на инфекциите со коронавирусот во последните неколку денови од денеска во Берлин е забрането работењето на баровите и рестораните од 23 до 6 часот наутро.

И локалните власти на Франкфурт презедоа слична мерка, што стапи во сила уште вчеравечер: меѓу 22 и 06:00 часот се затвораат баровите и рестораните и се забранува продажба на алкохол.

Во Берлин, воведениот полициски час се однесува на сите локали, освен аптеките и бензинските пумпи, а ќе важи најмалку до 31 октомври.

Забранета е, исто така, и продажба на алкохол на бензински пумпи или во продавници за храна во периодот по 23 часот.

-Не е време за забава, изјави социјалдемократскиот градоначалник на главниот град, Мајкл Милер. „И можеме и ќе спречиме уште едно затворање во домовите“, што би било построго од претходното, предупреди тој во специјалната порака до граѓаните на возраст од 20 до 40 години.

-По три чаши пијалок, мерките се помалку се почитуваат, изјави Дирк Берент, одговорен за ресорот за правда во градската управа на Берлин.

Левичарската влада на градот, исто така, одлучи сериозно да ги ограничи и социјалните контакти, па така од денеска, меѓу 23 и 06 часот наутро, на отворено не можат да се собираат повеќе од пет лица, додека во текот на денот може да се соберат до 50 лица. Во текот на денот, во затворен простор ќе може да се соберат до максимум 10 лица, место досегашните 25.

Овие мерки главно имаат за цел да спречат забави во домот и непријавени масовни прослави, за кои берлинските власти сметаат дека се извор на ширење на коронавирусот.

Ситуацијата во главниот град на Германија стана загрижувачка во последните неколку дена, со „стапка на инциденца“ од над 50 (повеќе од 50 нови инфекции на 100.000 жители) и повеќе од 400 нови случаи дневно, што Берлин го смести меѓу „областите со висок ризик“.

Здружението на сопственици на барови во Берлин смета дека ограничувањето на собирите и забраната за работа во текот на ноќта е „фатално за нив“ и најави дека подготвува тужба.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.